Полицајци им дошепнувале на сопственици на кафулиња дека доаѓа инспекција за да „се разбегаат по дома”

 

Полицајци им биле доушници на газдите на кафулињата кои организирале ноќни забави без протоколи. Наместо да соработуваат со инспекторите на Државниот пазарен инспекторат, тие им дојавувале на газдите на кафулињата дека инспекцијата доаѓа за да се затвори кафулето или дискотеката и на тој начин да се избегне казната од 2.000 евра која следува за секој трговски објект што ќе организира забава без протокол. Ова за „Слободен печат” го тврди Стојко Пауновски, директор на Државниот пазарен инспекторат.

– Сметајте дека ние испративме инспектори во ноќниот бар Калипсо во Прилеп, но додека дошле, некој им дојавил дека доаѓаме и тие затвориле и си отишле. Некогаш и полицајците им кажуваат, зашто полицајци или се содружници, или се сопственици, а друг им е управител во нивните објекти и тоа најмногу се случува во Тетово и Гостивар, изјави Пауновски за Слободен печат.

Полицијата, како што тврди Пауновски, има поголеми ресурси и капацитети да ги разбива организираните прослави кои земаат голем замав овие денови, особено свадбите што се случуваат во изнајмени куќи, приватни вили, во викендици и на приватен имот. На вакви места, пазарниот инспекторат нема буквално никакви ингеренции да влезе и да санкционира, како што тоа може да го направи во угостителските објекти, како рестораните, кафулињата и дискотеките.

Така, вчера попладнето, инспекторите добиле информација дека во скопско Идризово се подготвува свадба со многу гости, а добиле и фотографија од поставувањето на бина со светлечки елементи и рефлектори, како за на концерт која се спремала за истиот настан.

Пауновски испратил екипа инспектори на лице место, но тие дошле до влезната порта, констатирале дека се работи за приватен имот и си заминале.

-Тоа беше свадба во приватна куќа и ние немаме право, ниту надлежност да влеземе и да санкционираме таков голем собир. Веднаш ја информиравме полицијата. Ние имаме ресурси од 120 луѓе на терен, а МВР има 20.000 луѓе и тоа во секое населено место така што требало тие да постапат, ни рече директорот.

Пауновски тврди дека во предизборната кампања, односно една недела пред да се оджат изборите, инспекторите не влегувале во кафулињата и не казнувале никого, за да се одбегне впечаток дека вршат притисок врз сопственици на овие локали кои се од сите политички партии. Ова всушност, многу ги охрабрило газдите на локалите да продолжат со тоа темпо од пред недела дена, кога немало строги инспекциски контроли и затворања на локали.

-Имаме прекинато четири или пет свадби во Гостивар и во Тетово. Некој човек во Камењане поделил покани за свадба што ја планирал, зашто некој од владата го излажал дека после избори ќе може да се прават свадби. Но, подоцна кога дозна дека тоа не е точно, рече дека ќе ја одложат веселбата за другата година. И граѓаните се во незавидна положба - кажа Пауновски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

21.07.2020 - 12:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега