Полицаец сведочеше за масакрот кај Смилковско езеро: „За нога допрев едно од момчињата, немаше пулс“
„Во изминатите 20 години колку што сум во полицијата сум видел многу убиства. Но, не и нешто слично како тоа што се случи на Смилковското Езеро. Тоа остава вознемирувачки сеќавања изјави во својот уводен збор сведокот Александар Ѓорѓиевски, од Македонска Каменица, вработен во Интервентната полиција, сведок во овој случај рече дека на местото на настанот заедно со колегата први пристигнале, пренесува „Слободен Печат“
Тој пред судиите раскажал дека дента кога се случило убиството, во нешто пред 20 часот додека бил во патрола во Радишани со колегата Дејан Змејковски од претпоставените добиле повик да одат кај Смилковско Езеро бидејќи имало дојава дека имало леганти луѓе.
– За некои 20 минути пристигнаве крај езерото. Бидејќи не знаевме за што станува збор, со колегата внимателно почнавме да се приближуваме кон водата. Во еден момент забележавме легнати лица. Не знаевме тогаш дека се мртви. Со колегата Змејковски Дејан пеш им се доближивме и викнавме „Полиција стани”. Како наближувавме му реков на колегата дека имаме убиство. За нога допрев едно од момчињата. Немаше пулс. Набргу јас и тој зазедовме периметар на обезбедување на локацијата и по радио-врска ги известивме сите наши колеги и претпоставени. За брзо време пристигнаа колеги од полициската станица Бит Пазар. Токму екипа од таа станица малку по на страна крај езерото го најде телото на рибарот – изјави Ѓорѓиевски.
Бидејќи станувало за „голем“ настан, тој објасни дека на оддалеченост од 200 метри од локацијата биле направени пунктови оти како што очекувале така и се случило дека ќе дојдат роднини и пријатели на жртвите и познаници кои се обидувале да дознаат информација плус за момчињата и нивната состојба.
Сведокот рече бидејќи со колегата први дошле на местото на настанот, останале до крајот на увидот кој траел до раните утрински часови следниот ден. Во судот се појави таен сведок на судот, чиј што идентитет и причина поради која бил повикан остана тајна бидејќи судечкиот судија Огнен Ставрев одлучи да ја исклучи јавноста. Не токму јавноста пред и по сведочењето на тајниот сведок имаше можност да слушне дел од жолчните расправии помеѓу дел од адвокатите на обвинетите и двајцата претставници на обвинителството.
За петкратното убиство кое се случи на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.
Со згаснувањето на СЈО, предметот го презеде Јавното обвинителство. Повторувањето на предметот го води судската двојка Огнен Ставрев и Осман Шабани, додека обвинението го застапуваат обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа