Денеска нè очекува променливо облачно и нестабилно време со локален пороен дожд, кој ќе биде пообилен во западните и југозападните делови од земјата. На овие места се очекува да наврнат над 20 литри на квадратен метар, проследени со грмежи и засилен северозападен ветер.

Минималната температура ќе се движи во интервал од 5 до 13 степени, додека максималната ќе достигне од 16 до 24 степени Целзиусови.

Во Скопје времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10 степени, а максималната ќе се искачи до 23 степени.

Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), до крајот на оваа седмица времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди во текот на денот.

Од УХМР предупредуваат дека денеска, во петок и за време на викендот ќе има поинтензивни процеси со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи и засилен ветер (над 70 km/h), локално во форма на невреме.

Во среда и во следните денови ќе дува засилен северен ветер со брзина од над 50 километри на час.

Exit mobile version