Двајца тинејџери извршија вооружен напад пред Исламскиот центар во Сан Диего, САД, при што убија три лица, а потоа си ги одзедоа сопствените животи. Нападот се случил во понеделникот околу 11:40 часот по локално време, а напаѓачите се идентификувани како 17-годишниот Кејн Кларк и 18-годишниот Калеб Васкез.
Неколку часа пред крвавиот пир, мајката на еден од напаѓачите очајнички се обидувала да ја предупреди полицијата.
Таа во полицијата пријавила дека нејзиниот син, кој покажувал суицидални намери, побегнал од дома со пријател, носејќи маскирна облека. Со себе го зеле нејзиниот автомобил „BMW X1“ и неколку парчиња оружје, меѓу кои пиштол со калибар 9 милиметри, сачмарка и пушка тип „Mini-14“.
Меѓу убиените во нападот е и претставникот на обезбедувањето, Амин Абдула, кој веднаш беше прогласен за херој. Сведоците раскажуваат дека тој реагирал веднаш за да ги заштити децата кои во тој момент си играле надвор, успевајќи да ги внесе во безбедност пред да биде погоден со најмалку два куршума.
По извршениот масакр, напаѓачите побегнале со автомобилот, пукајќи и врз случаен градинар кој работел во близина. Градинарот преживеал благодарение на заштитниот шлем што го носел, од кој куршумот се одбил.
Американската полиција случајот го истражува како злосторство од омраза. Во возилото каде што биле пронајдени мртвите тинејџери, истражителите откриле антиисламски пораки испишани на самото оружје, канистер за гориво со нацистичката ознака „SS“, како и разни написи кои укажуваат на екстремистички мотиви.
Нападот се случи на почетокот на Зул-хиџа, еден од најсветите месеци во муслиманскиот календар. Исламскиот центар во Сан Диего е најголемиот верски објект од овој тип во округот, со околу 5.000 членови. За среќа, во нападот нема повредени деца.


