Грчките земјоделци и денеска ќе го блокираат граничниот премин Евзони кон Македонија, јави дописничката на МИА од Атина. Блокадата ќе трае шест часа и ќе започне во 17 часот по македонско време, односно во 18 часот по локално време.
Според најавите, преминот ќе биде целосно затворен за влез и излез од Грција до полноќ по грчко време, односно до 23 часот по македонско време. Забраната ќе важи за сите категории возила – товарни, патнички автомобили и автобуси.
Грчките земјоделци и вчера попладне го блокираа Евзони во истиот временски период. Во однос на наредните денови, одлуките ќе се носат во последен момент, особено поради најавената подготвеност во вторник да се одржи средба со грчкиот премиер.
Дополнително, на граничниот премин Ники (Меџитлија), според информациите од АМСМ, на сила е забрана за сообраќај на товарни возила, која ќе трае до утре до 10 часот.
Вчера претпладне земјоделците низ цела Грција ја започнаа најавената 48-часовна блокада. По новата покана за дијалог упатена од грчката влада, беше донесена одлука дел од блокадите на споредните патишта да се повлечат, но тракторите и понатаму остануваат паркирани на автопатиштата.
Портпаролот на грчката влада, Павлос Маринакис, упати покана земјоделците во вторник да се сретнат со премиерот Кирјакос Мицотакис, под услов делегацијата да ги претставува сите блокови и средбата да се одржи со отворени патишта.
Земјоделците ја прифатија поканата и утре напладне ќе одржат состанок на кој ќе ја утврдат делегацијата за средбата во Атина, како и темите и барањата што ќе бидат отворени.
Грчката влада во средата ги образложи мерките за поддршка на земјоделците, но останува на ставот дека нема простор за дополнителни отстапки. Протестите во Грција траат од 30 ноември и веќе над 40 дена се одржуваат секојдневни блокади на повеќе локации низ земјата.

