Започна аплицирањето за студентски стипендии за академската 2025/2026 година, кое ќе трае од денеска до 15 ноември, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).

Студентите можат да аплицираат по објавениот конкурс за четири различни категории стипендии.

Како новина, оваа година Министерството првпат распиша и посебен Конкурс за доделување 15 стипендии наменети за редовни студенти запишани во прва година на студиски програми по македонски јазик. Пријавувањето за овие стипендии се одвива во истиот рок, од 1 до 15 ноември.

Овие стипендии се воведуваат врз основа на Законот за употребата на македонскиот јазик, со цел да се стимулираат матурантите да се запишуваат на студии по македонски јазик.

Месечниот износ на оваа нова стипендија ќе биде 6.050 денари и ќе се исплаќа во текот на девет месеци.

Аплицирањето за сите категории стипендии е исклучиво електронски, преку платформата www.e-uslugi.mon.gov.mk. Од МОН напоменуваат дека студентите имаат право да се пријават само за еден вид стипендија.

Списокот на кандидати кои ќе добијат стипендија ќе биде објавен на официјалната веб-страница на Министерството, www.mon.gov.mk.

Exit mobile version