Почна Меѓународниот детски фолклорен фестивал „Паланечка тројка"
Со традиционалното оро од паланечкиот крај синоќа беше отворен Меѓународниот детски фолклорен фестивал „Паланечка тројка", кој е во организација на Националната установа Центар за култура Крива Паланка.
Околу двесте млади играорки и играорци продефилираа синоќа пред бројната публика на првата фестивалска вечер од годинашниот дводневен фолклорен фестивал што се одржува на плоштадот „Карпошово востание".
Традиционално и годинава фестивалот започна со автентичното кривопаланечко оро „Паланечка тројка" во изведба на најмладите членови од културно -уметничкото друштво „8 Октомври" што работи во рамките на НУ Центар за култура Крива Паланка.
На програмата настапија младите играорци од културно - уметничките друштва: „Илинден" - Струга, „Врело" - Бујановац, Србија, „Кочо Рацин" - Скопје, КУД „Ефрем Каранов" - Кратово и КУД „8-ми Октомври" - Крива Паланка.
И вечерва на програмата која ќе почне во 20 часот, присутните ќе проследат ревија на фолклор, традиција и култура во изведба на повеќе од 200 играорки и играорци од земјава и соседството, млади чувари на битот од: Битола, Бујановац, Република Србија, Неготино, Кочани, Демир Хисар, Скопје и од градот домаќин Крива Паланка.
Фестивалот е дел од програмата на „Кривопаланечко културно лето" и манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата. Организатори на „Паланечка тројка" се НУ Центар за култура и Општина Крива Паланка под покровителство на Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Фестивалската програма ќе биде затворена симболично со орото „Паланечка тројка" во кое на крајот од официјалниот дел ќе можат да се вклучат сите присутни.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа