Во Клубот на пратениците започна лидерската средба иницирана од премиерот Христијан Мицкоски. На средбата, покрај коалициските партнери од ВЛЕН и ЗНАМ, присуствуваат и лидерите на опозициските партии ДУИ и Левица, Али Ахмети и Димитар Апасиев. Како што беше најавено, столчето на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, остана празно откако тој минатата недела ја одби поканата.
На дневен ред се неколку клучни прашања:
- Укинување на техничката влада;
- Реформски закони во правосудството;
- Измени во Изборниот законик;
- Избор на нов народен правобранител.
Пред почетокот, Димитар Апасиев ги повтори барањата на Левица за една изборна единица и итно укинување на техничката влада. Премиерот Мицкоски претходно истакна дека очекува широк консензус за овие реформи пред неговото заминување на Светскиот економски форум во Давос.

