Министерството за здравство подготвува дигитална реформа во јавниот здравствен сектор со која граѓаните преку мобилен телефон ќе имаат директен увид во реалните листи на чекање за оперативни зафати.
Новиот систем, како што најави ресорниот министер Азир Алиу, има за цел да им стави крај на манипулациите со термините и пренасочувањето на пациентите во приватните клиники.
За време на гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“, Алиу обелодени дека до министерството секојдневно пристигнуваат поплаки од граѓани кои се соочуваат со условувања од страна на медицинскиот кадар.
„Пациентите нè информираат дека докторот им велел: ‘Ќе чекате три месеци за операција на државно, но ако сакате побрзо, дојдете утре после 16 часот во приватниот термин и веднаш ќе ве оперираме’. Проблемот не е цената на приватната услуга, туку тоа што пациентот нема начин да провери дали навистина е 105-ти на листата за чекање. Со новиот дигитален портал секој граѓанин ќе може преку својот мобилен телефон да ја види реалната состојба за конкретен доктор и конкретна здравствена установа“, изјави Алиу.
При процесот на подготовка на новата дигитална платформа, надлежните откриле сериозни аномалии и фиктивни записи во постојната евиденција кои со години не биле ажурирани.
Податоците покажале дека во системот како активни пациенти кои чекаат интервенција сè уште фигурираат граѓани кои одамна се оперирале приватно, но и лица кои веќе не се меѓу живите.
„Најдовме дека во системот со месеци и години стојат пациенти во листите на чекање. Дел од нив веќе се оперирани во приватното здравство и одамна се вратиле на работа, а кај нас сè уште се водат како пациенти кои чекаат операција. Но, уште пострашно е што на листите сè уште има и лица кои веќе со години не се меѓу живите“, нагласи министерот.
Чистењето на овие списоци во болниците во моментов се врши рачно, бидејќи постоечката законска регулатива не дозволува автоматско административно бришење на претходно заведените податоци.
Првиот човек на здравство потенцираше дека овој нов дигитален модул е изработен од домашни инженери во рамки на постоечкиот систем и не предизвикува дополнителни трошоци за буџетот.
„Оваа реформа ја правиме со нула денари. Не вложивме дополнителни средства, туку нашите ИТ-инженери го изработија новиот модул. Сега граѓаните ќе можат сами да ја проверат состојбата. Останува предизвикот навремено да се ажурираат податоците во болниците, но убедени сме дека со текот на времето листите ќе станат целосно реални и во нив повеќе нема да има ниту починати лица, ниту пациенти на кои услугата одамна им е завршена“, порача министерот.


