Почина Кире Ѓорѓиевски, осуден во предметот за настаните од „27 април“. Тој издржуваше 13-годишна затворска казна за претепувањето на Зијадин Села.

Веста ја објави Горан Ангелов-Ќосето, исто така осуден во случајот.

„Почивај во Мир Кире. И ти не дочека како братот Игор Југ да ја видиш слободата! Уште колку треба да умреме од 27 за да се наситите, уште колку додека ја чекаме правдата!!!“, напиша Ќосето.

Ѓорѓиевски, кој беше и бранител од 2001 година, беше обвинет и осуден како лицето кое му ги нанело најтешките удари на Села, дело кое тој го негираше.

Иако се жалеше на одлуката на Кривичниот суд, Апелација му ја потврди 13-годишната казна. Во 2017 година, додека беше во притвор, Ѓорѓиевски беше претепан од група затвореници.

Ова е втора смрт на осуденик од овој предмет годинава. Во февруари, на 54-годишна возраст, почина Игор Југ. Двајцата осудени поминаа повеќе од осум години зад решетки и бараа слобода.

Exit mobile version