Иако состаноците меѓу САД и Украина беа оценети како позитивен чекор, процесот околу можниот мировен договор останува комплексен и далеку од финализиран. Американскиот претседател Доналд Трамп ја отфрли најавата за средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, објаснувајќи дека планира таква средба само во „пакет“ со рускиот претседател. Паралелно со тоа, беше најавено дека неговиот близок соработник Стив Виткоф следната недела ќе замине во Москва, додека преставникот на Пентагон, Ден Дрискол, повторно оди во Киев.

Овие потези укажуваат дека Трамп се дистанцира од мировниот план што го преговараше државниот секретар Марко Рубио заедно со украинската делегација во Женева. Иако во тој период и Рубио и Киев категорично ја исклучуваа можноста за дискусија за европската варијанта на планот за примирје, според медиумски извештаи, украинската страна успеала да ги отстрани најконтроверзните точки од првичниот договор – меѓу кои и намалување на украинските вооружени сили и повлекување од целиот Донбас.

Трамп му верува повеќе на Виткоф отколку на Рубио

Промената во пристапот укажува дека американскиот претседател има поголема доверба во Стив Виткоф отколку во Рубио кога станува збор за преговарање со Москва. Виткоф доби и јавна поддршка од Трамп по објавувањето на транскриптот од телефонскиот разговор во кој тој го советувал клучниот советник на Путин, Јуриј Ушаков, како да му го претстави американскиот план на рускиот лидер.

Овој раскол не е преседан – американските администрации и претходно имале паралелни дипломатски канали и конфликти меѓу претседателски претставници и државниот секретаријат. Но сега разликите меѓу „проукраински ориентираниот“ Рубио и за Виткоф, кој често се опишува како човек што „работи во корист на Русија“, стануваат сè поочигледни.

Ден Дрискол и „неконвенционалната дипломатија“

Присуството на секретарот на американската армија, Ден Дрискол, во процесот носи дополнителна нетрадиционална димензија. Тој не е дипломат, но токму затоа е вклучен како фигура што може директно и брутално да зборува за реалноста на бојното поле. Дрискол веќе го предупреди Киев за „неизбежен пораз“ доколку состојбата не се промени – изјава што создава политичка тензија, бидејќи тешко е едновремено да се зборува за „поволна мировна позиција“ ако американскиот воен врв предвидува пропаѓање на одбраната.

Форматот на неодамнешните преговори во Абу Даби ја открива вистинската насока на процесот. На средбата присуствуваа разузнавачките и воените врвови на Украина, Русија и САД – Кирил Буданов од Украина, Сергеј Наришкин и Игор Костјуков од Русија, и Ден Дрискол од САД. Овој избор на делегации јасно покажува дека најчувствителните точки од планот се воените – области кои многу полесно се дискутираат во средина без јавност, дипломатски протокол и медиумски притисок.

Планот останува променлив и незавршен

Несогласувањата меѓу страните и различните центри на моќ во Вашингтон покажуваат дека договорот далеку од финален. Иако Трамп тврди дека преостанале „само неколку спорни точки“, реалноста е дека планот е „жив документ“ – предмет на постојани преговори, измени и нови услови од сите засегнати страни.

Сепак, фактот што преговорите продолжуваат, а разузнавачките канали се активни на највисоко ниво, сугерира дека се трага по брзо решение – иако патот до таму е сè само не едноставен.

Exit mobile version