Пет лица се уапсени во Нови Сад под сомнение дека планирале насилие и немири во Белград на денот на предвремените парламентарни избори закажани за 25 октомври. Ова го објави српскиот јавен радиодифузен сервис РТС, пренесувајќи го соопштението од надлежните институции.
Акцијата била спроведена по наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, во координација со Вишото јавно обвинителство во Нови Сад и со учество на припадници на Агенцијата за безбедност и информирање (БИА). Според обвинителството, осомничените подготвувале мобилни групи што требало да дојдат во престолнината и да учествуваат во насилни дејствија за време на гласањето в недела.
Од обвинителството нагласуваат дека „осомничениот М. В. требало да командува со група од околу 40 лица, а со приклучувањето кон други групи бројот требало да се зголеми на меѓу 80 и 90 лица“.
Осомничените се товарат за кривични дела поврзани со подготовка на дејствија против уставниот поредок и безбедноста на Србија, како и за повикување на насилна промена на уставниот поредок, при што им е одредено задржување во притвор до 48 часа.
Според медиумските наводи, М. В., кој беше уапсен во Нови Сад, како и М. А., кој е уапсен во Врњачка Бања под сомнение за организирање немири на изборниот ден, поседуваат хрватски пасоши и државјанство на Република Хрватска, но засега нема официјални информации дали тие имаат и српско државјанство.

