Литванската авиокомпанија Avion Express, која е специјализирана за чартерирање авиони со екипаж (ACMI оператор), потврди дека е започната внатрешна истрага за еден од нивните пилоти.
Истрагата е почната откако се појавија наводи дека пилотот, кој бил вработен како копилот, наводно фалсификувал сертификати за да биде ангажиран како капетан на комерцијални летови.
Според извештаите на неколку портали, пилотот претходно работел како прв офицер за индонезиската компанија Garuda Indonesia. За време на неговото вработување во Avion Express, тој наводно ја презел улогата на капетан без соодветна лиценца, летајќи со авиони што превезувале стотици патници.
Инцидентот добива дополнителна тежина поради фактот што пилотот, кој летал со авионите A-320 и A-321, превезувал илјадници патници на германскиот нискобуџетен превозник Eurowings на линии до туристички дестинации, објави NY Post.
Официјално лице од Avion Express потврди дека „компанијата неодамна дознала за непроверени информации во врска со неговото професионално искуство“ и дека „веднаш беше започната внатрешна истрага и е во тек“.
Компанијата нагласува дека нејзините процедури за регрутирање ги исполнуваат сите релевантни прописи за воздухопловство и дека „безбедноста и усогласеноста со регулативите остануваат нејзини највисоки приоритети“.
Иако досега не се пријавени безбедносни инциденти директно поврзани со пилотот, наводите за несоодветни квалификации покренуваат сериозни прашања за процедурите за проверка во воздухопловната индустрија.

