Избор на Влада со двојно мнозинство и примена на Бадентеровиот принцип при одлучувањето во Уставниот суд. Ова се клучните политички барања што ги испорача лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на денешниот Конгрес, но не изостана и барањето за целосен ветинг на сите функционери во изминатите три децении.

Промовирајќи го новиот „Национален договор за напредок“, Ахмети побара воведување на таканаречен „извршен Бадентер“. Според овој механизам, секој иден владин состав ќе мора да ја добие довербата не само од вкупното мнозинство пратеници, туку и од мнозинството пратеници кои ги претставуваат немнозинските заедници.

Покрај уставните измени, Ахмети инсистираше и на „прочистување“ на политичката сцена. Тој побара ветинг со меѓународен надзор за сите носители на јавни функции во последните 34 години, вклучувајќи и истрага за потеклото на имотот и приватизацијата.

„Унитарната држава може да биде функционална и стабилна само доколку се темели врз довербата и лојалноста на сите заедници што живеат во неа. (…) Прво, избор на Владата со двојно мнозинство, односно извршен Бадентер; Секој нов состав на Владата да ја добие довербата на Собранието не само со мнозинство од вкупниот број пратеници, туку и со мнозинство од пратениците кои ги претставуваат немнозинските заедници“, смета Ахмети.

Во однос на судството, лидерот на ДУИ побара законите донесени со Бадентер во Собранието, да не можат да бидат поништени од Уставниот суд без истото двојно мнозинство меѓу судиите.

„Предлагаме уставно-правни измени со кои одлуките што ги засегаат правата на немнозинските заедници нема да се донесуваат без заемна согласност меѓу судиите“, порача Ахмети.

Exit mobile version