Петрушевски: СДС ја злоупотребува трагедијата во Кочани за политички цели
СДС повторно се обидува трагедијата во Кочани да ја искористи за дневно-политичка пресметка, по шаблонот на нивната добро позната некрофилска политика што ја практикуваа и во минатото. Додека институциите, јавноста и целата држава се обединети околу вистината, одговорноста и почитта кон жртвите, СДС одбира да напаѓа – не затоа што имаат аргументи, туку затоа што се исплашени од сопствените тефтерчиња, вели Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
-Оние што денес поставуваат прашања, седум години не понесоа никаква одговорност за трагедии како Ласкарци, Беса Транс, Модуларната болница и десетици други случаи каде единствено „виновни“ беа кабли, шасии и неименувани несреќи. Тогаш, не само што немаше приведени, туку и Обвинителството беше под директна партиска контрола.
Да потсетиме, токму ова обвинителство и судство е дел од мрежата тефтерчиња на Заев и Ахмети, кои ги вработуваа и унапредуваа луѓето не по заслуга, туку по партиска подобност. Сега, кога тие истите луѓе работат професионално, СДС го доведува тоа во прашање.
Кога СДС зборува за селективна правда, треба да одговори и зошто никој не беше одговорен за смртта на 14 пациенти во модуларната болница во Тетово? Зошто ниту еден министер не поднесе оставка по трагедијата во Бугарија со автобусот на Беса Транс? Зошто обвинителството тогаш громогласно молчеше додека државата тонеше во корупција? Одговорот е еден: затоа што се беше под нивна целосна контрола во функција на грабеж на Македонија.
Истовремено, СДС во паника се обидува да го оцрни министерот за внатрешни работи и директорот на Бирото за јавна безбедност – двајцата клучни личности кои целодневно, со посветеност, во координација со другите институции, ја водат постапката за утврдување на одговорноста за трагедијата во Кочани.
Сметаме дека сите прашања поставени од СДС треба да добијат одговор, но одговорот не треба да биде напишан од платениците на Заев и Филипче во СДС. Одговорот секојдневно го даваат фактите, доказите и институциите – на начин што нема да го понижи разумот на граѓаните, туку ќе ја зајакне нивната доверба!
И уште нешто – ВМРО-ДПМНЕ гледа на ова не како на политичка битка, туку како на историски момент за ресетирање на системот. За првпат институциите приведуваат, испитуваат, отвораат истраги, без оглед на политичка или етничка припадност. Ако СДС не го препознава тоа, тогаш или не го разбира времето во кое живееме, или – што е поверојатно – сака повторно да го врати старото време на селективна и заробена правда“, завршува Петрушевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа