Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска упати остри критики до опозициската СДС, обвинувајќи ги дека биле сојузници во криминалот на Артан Груби. Според него, паниката во СДС е евидентна бидејќи се плашат од она што Груби би можел да го открие пред истражните органи.
Петрушевски истакна дека пратениците од СДС избегнуваат дури и да постават прашања поврзани со Груби во Собранието.
,,Филипче, Заев, Спасовски, Зечевиќ и останатиот дел поранешни функционери на СДС, се фатени во голема паника и хистерија од можните искази во обвинителството на Артан Груби. Во СДС се свесни што се може да каже Груби, па затоа и го бранат неговиот криминал. Толку ги немаат брането дури ни криминалите на Заев и Филипче’’, изјави Петрушевски.
Тој додаде дека доколку Груби одлучи да прозбори, голем дел од поранешните функционери на СДС ќе се соочат со обвинителната клупа. Петрушевски упати повик до Јавното обвинителство да ги истражи сите индиции и сомнежи за криминал кои досега беа изнесени во јавноста.

