Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска на прес-конференција го обвини раководството на СДСМ, предводено од Венко Филипче, дека дејствува исклучиво по насоки на поранешниот премиер Зоран Заев, со цел да се кочат евроинтеграциските процеси и да се заштитат лични бизнис интереси.
Според Петрушевски, појавувањето на Заев на одбележувањето на роденденот на СДСМ е јасен сигнал за тоа кој ја контролира партијата.
„Како што веќе укажавме дека појавувањето на Зоран Заев на Бихачка по повод роденденот на СДС е потврда дека тој е газда, сега можеме да слушнеме, видиме од настапите на слугата Венко Филипче како постапува по насоки од Заев“, истакна Петрушевски.
Тој тврди дека СДСМ свесно ги блокира законите кои се клучни за европската агенда на државата. Меѓу нив, Петрушевски ги посочи измените за укинување на техничката влада, како и законските измени со кои пратениците би биле обврзани да имаат исклучиво македонско државјанство.
Петрушевски на крајот упати порака до раководството на опозициската партија.
„Се додека Филипче го избира минатото и работи по насоки на Заев, ниту за него, ниту за партијата, уште помалку ќе биде добро за граѓаните и државата. Затоа Филипче мора да расчисти со Заев и неговите криминални политики“, заклучи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.


