Петровска: Од САД добивме 139 милиони долари за модернизација, што е далеку повеќе од вредноста на воените донации за Украина

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“ на телевизија АлСат зборуваше за можната донација на хеликоптери на Украина, како и за тоа што Северна Македонија добива за возврат по одлуките за донација на опрема и вооружување на оваа земја која ја брани својата сувереност.

Петровска појасни дека анализата на Генералштабот за тоа дали земјава може да ги донира хеликоптерите Ми-24 е завршена и дека на следната владина седница ќе достави предлог за донесување на одлука со која Северна Македонија ќе и донира 12 хеликоптери на Украина. За хеликоптерите произведени во 1984 година, посочи дека голем дел од нив од 2015 година се истечен ресурс, не се користат и согласно Стратешкиот одбранбен преглед не се предвидени во формацијата на Армијата. Појасни дека како и со останатите одлуки, ниту оваа на никаков начин не би влијаела на борбената готовност на Армијата.

„Сета опрема која што досега беше донирана, освен што е на барање на Украинците, ним им е потребна и тоа е опрема за која украинската армија е вешта во користењето, е опрема која согласно нашите планови за модернизација веќе е на истекот на користење,  нема да биде во составен дел на нашето вооружување и многу е извесно дека за кус временски период, ќе требаше да ни биде наплатено за да ја уништиме“, рече министерката.

Во однос на финансиските импликации, Петровска истакна дека проценката на вредноста на донациите без можната донација на хеликоптери изнесува околу 30 милиони евра, но дека за само помалку од една година Северна Македонија беше поддржана од САД со 139 милиони долари, наменети за набавка на нова, најсофистицирана опрема.

„Што добива Северна Македонија за возврат е прашање кое е исто така легитимно да се постави. Само за помалку од една година САД одобрија користење на финансиски средства во износ од 139 милиони долари, тоа е неколкукратно повеќе од тоа што ние сме го донирале. Тие се за поддршка на Планот за модернизација на нашата Армија, односно сето она што е предвидено да се набавува и оваа и наредните години“, истакна министерката.

За плановите за набавка на нови хеликоптери, министерката информираше дека во завршна фаза е деталната евалуација на петте пристигнати понуди за набавка на повеќенаменски хеликоптери и анализата за тоа дали тие се во согласност со нашите барања и потреби. Појасни дека станува збор за повеќегодишна набавка на осум повеќенаменски хеликоптери.

24.03.2023 - 23:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега