Петровска: Како што ветивме, денеска го декласифициравме видот на опремата која е донирана на Украина

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во вечерашното гостување во емисијата Клик Плус на ТВ 21, информираше дека е исполнето ветувањето дадено пред јавноста и денеска е извршена делумна декласификација на одлуките за донација на воена помош и опрема на Украина.

Министерката информираше дека декласификацијата се однесува на видот на опрема која е донирана со шест одлуки за донација на воена помош за Украина.

„Донациите се состојат во пешадиско вооружување и муниција, артилерска опрема, тенкови, коишто веќе еднаш ги потврдивме, воздухоплови или познатите авиони Сухои, средства и опрема за водење на противоклопна борба, опрема за противвоздушна одбрана, опрема и муниција на военото воздухопловство, како и интендантски материјални средства“, подвлече министерката за одбрана Петровска.

На прашањето дали станува збор за нова опрема, министерката за одбрана Славјанка Петровска истакна дека станува збор за опрема од источно производство и дека истата не била дел од формацијата на Армијата.

„Она што е особено важно е дека таа не претставува дел од формацијата на Армијата, односно не допринесува за гарантирање за борбената готовност на нашата Армија. Односно со донирањето на сета претходно донирана опрема, вклучително и она што денеска го дониравме, не се нарушува борбената готовност на нашата Армија. Тоа е она што на пример, на почеток е важно при носењето на секоја таква одлука и се разбира дека и во иднина доколку се појави потреба и доколку се побара од нас да донираме нешто кое го поседуваме, а не е дел од формацијата, односно борбената готовност на Армијата, и во иднина ќе донесеме таква одлука“ истакна Петровска.

Во однос на посетата на Украина, министерката Петровска посведочи за огромните уништувања на цивилната инфраструктура, за уништените училишта, градинки и домови, но и за желбата, енергијата и оптимизмот кај украинскиот народ и власти да не се предаваат.

„Две поделени чувства имав – прво огорченост и вознемиреност и тага од тоа што го видов таму. Не е сеедно кога ги гледате фотографиите, снимките, но кога ќе отидете на лице место кога ќе видите дека биле нападнати и целосно уништени градинки, училишта, домови и тн, инфраструктура, не зборувам за воена туку за цивилна,. но од друга страна се воодушевив од желбата, енергијата и оптимизмот на украинскиот народ и украинските власти дека не се предаваат. Треба да имаме едно предвид – Украина е нападната држава, Украина има право и обврска да ја одбрани сопствената територија. Уште колку ќе трае војната беше прашање кое беше поставувано од самиот почеток. Дали војната ќе заврши брзо е прашање кое треба да одговори тој што нападна зашто Украина не може прва да престане кога таа се брани“, истакна Петровска.

14.03.2023 - 22:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа