Петрова ја обвини Лукаревска: Поради незаконски одлуки ќе се поништат Договорите со вработените
Директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова ја обвини својата претходничка Сања Лукаревска за носење незаконски одлуки и акти кои сега направиле тотален хаос во работата на институцијата.
На прес-конференција рече дека договорите на вработените ќе мора да бидат поништени поради одлука на Инспекторатот за труд кој заедно со Антикорупциска констатирале неправилности.
-Во претходниот период претходната директорка на УЈП донела одлука и акти кои се незаконски и заради кои внатре сега имаме еден хаос во организирањето на некои работни процеси и сме соочени со исправање на последици. Незаконитоста и формално правните неправилности ги констатираа и ДКСК и Државниот инспекторат за труд. Во моментов јас сум соочена и треба да извршам наредба на Трудовиот инспекторат со која ми се наложува поништување на одлуката со која претходната директорка на УЈП во месец февруари ги откажала договорите за вработување на сите вработени во УЈП, а воедно им наредила да продолжат да работат до склучувањето на нови договори според новите интерни правилници.
Поништувањето на оваа одлука сега значи поништување и на сите нејзини правни последици, односно тоа значи дека ќе се поништат договорите со вработените склучени по распишувањето на изборите што има свое влијание и врз платите исплатени на определени вработени кои добиле повисока плата со промена на нивниот статус, рече Петрова.
Според неа, најзасегнатите вработени во Управата сега се изложени на трпење последици од одлуката на претходната директорка на УЈП.
-Но, вработените во УЈП се најмалку виновни за настаната криза. Затоа, преку соработка со синдикатите се обидуваме заеднички да најдеме решение кое ќе има најмалку последици за кој било вработен во УЈП. Би потенцирала уште еднаш. Процесите на поништување на старите и склучување на нови договори со сите вработени во УЈП се одвивале во тек на изборниот процес. Оваа настаната ситуација можела и да се избегне доколку сите овие секако задоцнети процеси се спроведувале во законскиот рок. Имено, согласно измените на Законот за УЈП овие акти во УЈП требало да бидат донесени во законскиот рок до 3 ноември 2023 година, а се донесени со задоцнување на 9 февруари оваа година во пресрет на изборниот период. Согласноста од МИОА за овие правилници била издадена врз основа на своевидна манипулација и вметнување на работни места во правилниците за кои немало намера да бидат пополнети и не се пополнети. Уште повеќе, согласноста е издадена истиот ден 9 февруари кога министерот кој ја потпишал бил разрешен што е морален и политички хазард. Ова фрла црна дамка на целиот процес, рече Петрова.
Целиот процес на усогласување на сите вработени во УЈП по статус и плата, вели директорката на Управата, ја изгуби својата смисла и добра намера токму заради лошото менаџирање, ненавремено постапување надвор од законските рокови, а потоа непромислено и избрзано постапување, формални и правни неправилности и незаконитости.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа