Со сослушување сведоци предложени од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, денеска во судницата во „Идризово“ продолжува судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
На претходното рочиште сведочеа неколку лица кои кобната вечер биле присутни во дискотеката. Тие зборуваа за паниката и хаосот што настанале кога огнот и густиот чад ја зафатиле преполната сала, како и за траумите и последиците со кои се соочуваат и денес. За денеска е најавено сослушување на уште петмина сведоци.
Во воведното излагање на почетокот од процесот, обвинителот Борче Јанев нагласи дека постапката има цел да утврди лична и институционална одговорност, посочувајќи дека општеството мора да добие одговор на прашањата кој дозволил, кој премолчел и кој не спречил да се случи трагедијата во „Пулс“. Тој истакна дека се бара правда како резултат на прекршување на законите и занемарување на должностите, а не одмазда.
Обвинетите, кои се изјаснија дека не се чувствуваат виновни, преку своите адвокати го оспорија обвинението. Одбраната тврди дека тие не презеле дејства што би предизвикале пожар, дека поседувале соодветна документација и дека трагедијата произлегла од институционални слабости, а не од индивидуална одговорност. Најавено е изведување докази и сведоци што, според нив, ќе ја поткрепат оваа теза.
Пожарот избувна на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Според обвинението, во објектот имало повеќе посетители од дозволеното, меѓу нив и малолетници, а биле користени пиротехнички средства без соодветна дозвола. Објектот функционирал незаконски со години, без исполнување на минимални технички услови и без соодветен систем за противпожарна заштита.
Во предметот се опфатени над 30 физички и три правни лица, меѓу кои сопственици и управители на локалот, инспектори, поранешни градоначалници, лица од обезбедувањето и државни службеници. Судскиот процес го води судијката Диана Груевска Илиевска, а обвинителството го застапува тим од 15 јавни обвинители.


