Во изминатото деноноќие во земјава се регистрирани 37 пожари на отворен простор, од кои пет се активни, еден е ставен под контрола, а 31 се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.

Според податоците на ЦУК, активни пожари има во општините Прилеп, Студеничани, Македонски Брод, Кичево и Могила.

Во Општина Прилеп пожарот е активен кај селото Чаниште, со краци кон Крушевица и Лопатица, Црна Река и селото Орле, на територијата на Општина Новаци. Зафатена е ниска вегетација.

Активен пожар има и во атарот на селата Моране, Вртекица и Рамни Габер во Општина Студеничани, каде гори мешана шума.

Во Општина Македонски Брод пожарот е активен на повеќе локации – во местото Видуш, кај селото Драгов Дол и кај Локвица, каде гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.

Во Општина Кичево активен е пожарот кај селото Тајмиште, во месноста Дарда, каде е зафатена високостеблеста букова шума.

Петтиот активен пожар е во селото Мојно, Општина Могила, каде гори ниска вегетација.

Пожарот во депонијата во Делчево е ставен под контрола.

Во текот на изминатото деноноќие биле изгаснати и 31 пожар на отворен простор, на различни локации низ земјава.

Exit mobile version