Перински во Велес: Продолжува владината поддршка за урбани и функционални општини

 


Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска оствари работна посета на Општина Велес, каде што се сретна со градоначалникот Марко Колев и членовите на општинскиот Совет. На средбата разговараа за тековните и идните проекти во општината, со акцент на инфраструктурниот развој, за текот на проектот од првиот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти, како и за сите мерки кои Општината ќе ги реализира самостојно, но и со поддршка од централната власт. На Општина Велес на првиот владин повик одобрен и беше еден проект, партерно уредување на плоштад и изградба на подземна гаража во централното градско подрачје, а на вториот владин повик, кој трае до 30.април, Општината поднесе 16 апликации.

На средбата беше заклучено дека владината инвестиција за уредување на плоштад и изградба на подземна гаража директно ќе придонесе за трансформација на урбаниот изглед на Велес, ќе овозможи нов јавен простор за жителите и ќе создаде поголеми можности за културни и социјални активности. Подземната гаража ќе го реши долгогодишниот проблем со паркирањето во центарот на градот и ќе обезбеди поефикасен и побезбеден сообраќаен систем, што е од особена важност за урбаната мобилност и секојдневното функционирање на граѓаните.

Перински порача дека Владата не отстапува од континуираната поддршката на општините, со јасна и единствена цел, создавање услови за поголем развој на секоја општина. Впрочем, како што беше заклучено на средбата, силна држава се гради врз темелите на развиени локални заедници.

Денешната работна посета на Општина Велес е дел од теренските посети на Перински на општините со цел директно запознавање и идентификување на сите предизвици во единиците на локална самоуправа и планирање насоки на движење за нивно надминување.

11.04.2025 - 12:51

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега