ФБИ побара интервјуа со шест демократи во Конгресот кои во јавно објавено видео ѝ порачаа на американската војска да одбие евентуални „нелегални наредби“, изјави за Ројтерс функционер од Министерството за правда. Потегот, кој првично го објави „Фокс њуз“, следи само еден ден откако Пентагон се закани дека ќе го повика сенаторот Марк Кели на активна должност – чекор што би можел да доведе до воени обвиненија за, како што ги опиша министерот за одбрана Пит Хегсет, неговите „провокативни“ активности на социјалните мрежи.
Другите законодавци кои се појавија во видеото се сенаторката Елиса Слоткин, поранешна аналитичарка на ЦИА и ветеран од Ирак, како и пратениците Џејсон Кроу, Меги Гудландер, Крис ДеЛузио и Криси Хулахан – сите поранешни припадници на вооружените сили.
Видеото било изработено поради растечката загриженост меѓу демократите – која, според извори, приватно ја делеле и дел од американските воени команданти – дека администрацијата на Доналд Трамп го прекршува законот со наредување напади врз бродови осомничени за шверц на дрога во латиноамериканските води. Пентагон, пак, тврди дека овие операции се легитимни бидејќи трговците со дрога се третираат како терористи.
Американскиот претседател Доналд Трамп ги обвини шестемина демократи за поттикнување и „бунтовничко однесување“, наведувајќи во објава на социјалните мрежи дека делото е „казниво со смрт“. Неговата администрација повторно се соочи со критики дека ги крши долгогодишните демократски норми со користење на Министерството за правда и други институции за политички пресметки.
Службеник од Министерството за правда, кој побара анонимност, изјави дека интервјуата на ФБИ имаат за цел да утврдат „дали имало некакви прекршувања, а потоа да продолжат понатаму“. Од ФБИ нема одговор за коментар.
Во изјава дадена во понеделник, Марк Кели ја отфрли заканата од Пентагон, нарекувајќи ја „тактика на заплашување“.

