Пенков: Законот за градење го претвораат во Закон за крадење

 

Не смееме да дозволиме Законот за градење да се претвори во Закон за крадење. Во постојана комуникација сме со претставници на градежната оператива и за нив и како и за најголемиот број на граѓани, неприфатливо и зачудувачки е како тоа со предлог законски измени се овозможува на една компанија да за неа важат посебни закони, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Златко Пенков на денешната собраниска седница.

Тој прашува како тоа држава ќе овозможи во една индустриска гранка како што е градежништвото, една компанија да ужива привилегии и олеснувања.

– Во член 1 од предлогот се дефинираат градбите од стратешки интерес, а тоа се државни патишта, железнички пруги, магистрални гасоводи, како и други, но во член два стои дека изградбата на тие градби се врши врз основа на урбанистички проекти, но не се применуваат одредби кои се инкорпорирани во досегашното законско решение како постапки за одобрување. Како може да се размислува за грандиозен проект, ако нема постапка за одобрување, рече Пенков.

Додаде дека понатаму нема постапка за одобрение за градење, постапка за условите за започнување на изградба како и измени во текот на изградба, рок на изградба и други постапки кои важат за сите други.

– Во државава ќе се формира паралелен систем. Се вели дека ќе се базира врз економичноста и ефикасноста, а видовме дека се зборува за рационализација и флексибилност. Но автопатски делници претходно се работеле за 7-8 милиони евра, а сега согласно со тоа што е дефинирано како 1,3 милијарди евра излегува дека 1 километар ќе чини 15 а можеби и 20 милиони евра. За каква економичност станува збор, какво рационализирање? Дали не е изговор да се дадат огромни суми на пари? – прашува тој.

Посочи дека под флоскулата економичност и ефикасност ќе ни се украде автопатска делница од отприлика 100 километри.

– Во законот за градење не смееме да дозволиме импровизации. Македонија не смее тоа да си го дозволи. Да не дозволиме огромни суми на пари да бидат во насока на обезбедување на лагоден живот на одредени претставници од СДС и ДУИ, рече Пенков.

22.05.2023 - 14:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа