Пендаровски нема да ги кани партиите, ќе чека иницијатива од нив

И официјално почна „трката“ за формирање нова Влада откако Собранието вчера ја одржа конститутивната седница. И претседателот на СДСМ, Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најавуваат мнозинство од 61 пратеник.

Pолитичките партии ќе се обидат да обезбедат мнозинство за формирање влада и за тоа да го известат претседателот на државата Стево Пендаровски. Во однос на најавата на претседателот дека ќе има консултации со партиите, од неговиот кабинет известија дека тие нема да се случат на негово барање, туку ако тоа го побара некоја од нив, објави Независен весник.

-Во однос на прашањето кога претседателот би имал средби со партиите, ќе го почекаме исходот од разговорите кои се во тек меѓу партиите кои имаат освоено пратеници во Собранието. Која било партија или коалиција од партии што ќе обезбеди мнозинство во Собранието може да побара разговор кај претседателот за да го информира за резултатот од политичките преговори, порачаа денес од кабинетот на Пендаровски.

Уставот предвидува претседателот на државата во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидатот на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

05.08.2020 - 12:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега