Пендаровски: Многу од вредностите за кои се залагаше Трајковски се доведени во прашање

Во Националната опера и балет вечерва се одржа комеморативен концерт по повод 20 години од смртта на вториот претседател на независна Македонија, Борис Трајковски.

Осврнувајќи се на ликот и делото на Трајковски, актуелниот претседател Пендаровски кој му беше советник три години, кажа дека тој бил најмалку кабинетски претседател, зашто бил политичар посветен на граѓаните.

Денес кога европските интеграции се закочени, а реформите успорени, како резултат на кризата на вредности во која се наоѓа Македонија, вредностите за кои се залагаше Трајковски се доведени во прашање, потенцира Пендаровски.

-За жал, 20 години подоцна, ние се наоѓаме во нова, длабока криза, која не е воена, туку вредносна. Многу од вредностите за кои се залагаше Трајковски се доведени во прашање. Многу шанси беа пропуштени и многу време беше изгубено. Европските интеграции се заглавени, а реформите успорени. Имаме партизација на институциите, етнизација на политиката и поделби по речиси секоја основа- граѓанска, етничка, политичка , генерациска. Раширената корупција ја обезвреднува правдата, го парализира системот, го шири цинизмот, им ја одзема перспективата на младите и ја празни државата. Драги пријатели, многу пати се прашувам што Борис би рекол за сето ова и како тој би постапил во овие услови? И постојано се навраќам на неговата верба во македонските граѓани кога велеше„ сите заедно ќе го направиме она што историјата, но уште повеќе иднината, го бараат од нас“, истакна Стево Пендаровски.

26.02.2024 - 23:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега