Пендаровски: Младите, водени од праведни идеали, се јадрото на секоја прогресивна општествена промена

 Актерката Изабела Јакимова – во индивидуална категорија, Младите на Една може (One Can Youth) – во категорија за неформални групи на млади и здружението Гоу Грин (Go Green) – во категоријата  младински организации се годинашни носители на Наградата за младинско учество. Признанијата им беа доделени вечерва по повод Светскиот ден на младите – 12 Август.

Целта на наградата е да го препознае и валоризира трудот на младите во нивните залагања за решавање различни општествени прашања. Ја доделува Агенцијата за млади и спорт во соработка со Националниот младински совет на Македонија.

Еко-активистите од Здружението „Гоу грин“ се наградени за нивната борба да ги трансформираат своите општини во зелени општини. Младите од „Една може“ се наградени за нивните заложбите за правата  на еднородителските семејства. Активизмот на актерката Јакимова, која лани дипломирала на ФДУ, е во делата што ги создава – најновата претстава „Мамутот“ е на тема ХИВ и борба против стигматизацијата на луѓе со ХИВ и нивните најблиски.

Наградите им беа врачени вечерва на свеченост во Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски, кој во своето обраќање истакна дека наградените млади луѓе се дел од генерацијата што ни влева надеж, затоа што, рече тој, сѐ додека младите имаат желба да се борат со социјалните неправди, има надеж за македонското општество. Преку нивните визии и конкретни активности, истакна шефот на државата, тие ни покажаа каква би можела да биде Северна Македонија доколку го слушаме гласот на младите.

-Нема да претерам ако кажам дека овие млади луѓе се надминуваат и себеси и многумина од нас. Тие самоиницијативно ги препознаваат системските празнини и ги коригираат неправдите на системот. Со нивните дела активно придонесуваат за благосостојба на општеството. И, патем, нам, на политичарите, ни ги одземаат сите изговори дека решавањето на проблемите е комплицирано, скапо или невозможно. Тие одново ја потврдуваат старата вистина дека токму младите, водени од праведни идеали, се јадрото на секоја прогресивна општествена промена, истакна Пендаровски.

Додаде дека признанијата за нивните подвизи се обид да се поттикнат сите генерации да придонесат во трансформација на државава во подобро место за живеење во кое сите граѓани ќе имаат еднаква шанса да ги реализираат своите потенцијали.

Наградите на годинашните лауреати им ги врачија директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Наумче Мојсовски и Марија Крстевска, претседателка на Национален младински совет на Македонија (НМСМ).

Мојсовски рече дека АМС првпат оваа година ја презема организацијата за доделување на наградите, која во минатите пет години НМСМ ја организираше во соработка со УСАИД.

Крстевска посочи дека секоја година изненадуваат извонредни млади луѓе и затоа е важно тие да бидат поддржувани зашто, како што рече, отсекогаш биле и ќе бидат двигатели на промени во општеството.

Тие му се заблагодарија и на претседателот на државата Пендаровски зашто денеска ги отворил вратите на својот Кабинет за доделувањето на наградите и за пратената порака за поддршка на младите.

Наградите за младинско учество  се доделуваат во три категории: индивидуална категорија (млади на возраст од 15 до 29), категорија за неформални групи на млади (од најмалку три члена) и категорија за младински организации, организации за млади и чадор младински организации. Наградите имаат и паричен износ – 1.500 евра за поединечна и 3.000 евра за категоријата за организации. 

12.08.2022 - 20:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега