Пендаровски - Ескобар: Билатералните односи со одлична динамика како потврда за македонско-американското партнерство

Билатералните односи меѓу Северна Македонија и САД се одвиваат со одлична динамика, како потврда за долготрајното македонско-американско партнерство и пријателство, оценија на денешната средба во Охрид претседателот Стево Пендаровски и заменик помошник државен секретар на САД, Габриел Ескобар.

Како што информираа од Кабинетот на шефот на државата, во однос на аспирациите за членство во Европската Унија, Пендаровски го информирал Ескобар за одвивањето на скрининг процесот и следните чекори кои треба да бидат преземени за напредок во евроинтегративниот процес.

- На средбата се разговараше и за актуелните состојби во регионот, во светло на состанокот на високо ниво од дијалогот помеѓу Белград и Приштина на кој учествуваат претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и премиерот на Република Косово Албин Курти, а кој се одржува во Охрид под покровителство на Европската Унија, известуваат од кабинетот на Пендаровски.

Во таа насока претседателот Пендаровски истакна дека одржувањето на преговорите во Охрид е признание за нашата земја, која во изминатите години направи повеќе компромиси за одржување на долготрајната стабилност, европската и евроатлантска интеграција, демонстрирајќи дека може да функционира како вистинска мултиетничка демократија.

- Тој додаде дека прашањето на дијалогот Белград-Приштина е исклучително важно регионално прашање чиешто решавање може да помогне за трајна стабилизација на регионот и негова побрза европска и евроатлантска интеграција, истакнуваат од Кабинетот на претседателот.

18.03.2023 - 13:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега