Најмалку 15 лица загинаа, а 51 е повредено во третиот голем руски воздушен напад врз Киев и околината изминатава недела, објави „Киев Пост“.

За време на ноќниот напад, ракети и беспилотни летала предизвикаа големи пожари во станбени згради, магацини и индустриски погони. Според податоците на Државната служба за вонредни ситуации (СЕС) и градоначалникот Виталиј Кличко, во регионот на Киев загинале 14 лица, а 27 се ранети, додека во самиот град Киев има едно загинато лице и 24 повредени.

Дописниците од терен објавија дека во рок од само 20 минути се слушнале повеќе од 30 експлозии. Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија истрелала вкупно 143 проектили, меѓу кои 24 балистички ракети „Искандер-М/С-400“, четири противбродски ракети „Циркон/Оникс“ и 115 борбени и мамка-дронови од типот „Шахед“.

Украинската воздушна одбрана успеала да собори или електронски да блокира 98 дронови. Сепак, ниту една од 28-те испукани ракети не била пресретната. Проектилите погодиле 26 локации, а остатоци паднале на уште шест места.

Најтешко погоден во главниот град беше округот Оболон, каде што руска ракета погоди 20-катна станбена зграда. Надвор од Киев, најтешки штети претрпеа градот Бровари, логистичките центри во Буча и индустриски погон во селото Калиновка. Поради пожарите, властите предупредија и на високо ниво на загадување на воздухот.

Ова е трет масовен удар врз регионот за помалку од една недела. Во претходните напади на 1 август загинаа девет лица, а на 30 јули уште едно лице во Киев и петмина во други региони.

По најновиот бран уништувања, претседателот Володимир Зеленски одново апелираше до западните сојузници за итна испорака на дополнителни ракети за системите „Патриот“, предупредувајќи дека земјата се соочува со критичен недостиг на средства за заштита на цивилите.

Exit mobile version