Патот до Нотр Дам е поплочен со мини депонии, парижани се жалат: Градот е полн со ѓубре

 

Поради штрајкот на градските работници за чистење, најпосетуваниот град во Европа веќе една недела е полн со ѓубре кое никој не го отстранува.

Отпадот ги наполни туристичките шеталишта, па планини од ѓубре може да се видат зад многу фотографии на туристите, а често и веднаш до култните споменици во Париз.

На брегот на Сена, во сенката на Нотр Дам, купиштата ѓубре го блокираат погледот, а за да стигнете до импозантната катедрала во срцето на главниот град, треба да поминете неколку „мини депонии“.

Исто така, посетителите кои сакаат да му се восхитуваат на погледот на Ајфеловата кула од Трокадеро, при излегувањето од метрото, прво ќе наидат на планина од црни кеси, додека романтичните улици на Париз се полни со кутии, торби и остатоци од храна придружени со непријатни миризби.

Градските комуналци протестираат против контроверзниот закон со кој старосната граница за пензионирање ќе се зголеми од 62 на 64 години.

Покрај тоа, Сенатот го усвои предлогот и покрај масовните протести и акумулацијата на ѓубре во главниот град. Сепак, францускиот претседател Емануел Макрон не изгледа премногу вознемирен од тоа, бидејќи го отфрли барањето на синдикатот за „граѓански консултации“ за законот, што предизвика нови протести во саботата, иако со многу помал број луѓе излезени на улиците отколку пред четири дена.

До донесувањето на законот сега има комплицирана процедура со неколку потенцијални исходи. Предлогот најпрво оди до комисија од седум сенатори и седум пратеници во Долниот дом во среда за да се најде компромис меѓу верзиите на текстот на двата дома. Истиот ден синдикатите го планираат осмиот круг протестни маршеви низ земјата, пренесува „Еуроњуз“.

Околу 5.600 тони несобран отпад се распослани на улиците на главниот град, објави канцеларијата на градоначалникот на Париз.

„Седми ден без собирање на отпадот. Градот смрди“,  напиша градоначалникот во градот на Твитер споделувајќи фотографии.

14.03.2023 - 20:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега