Патниците на летот LH2446 на Луфтханза од Минхен до Копенхаген ја поминаа ноќта во авионот откако летот беше откажан поради обилни снежни врнежи и затворање на аеродромите.
Летот беше закажан за 21:30 часот во петок, но по неколку одложувања, беше целосно откажан додека патниците веќе се качуваа во авионот Ербас А320нео, кој беше на оддалечена позиција на пистата, објавува германскиот портал Т-онлајн.
Според медиумските извештаи, екипажот ги информирал патниците на секои 30 минути за обидите да организира автобуси што ќе ги вратат до терминалот.
Сепак, околу 2 часот наутро, патниците биле информирани дека аеродромот е затворен и дека повеќе нема возач на автобус, што значи дека морале да останат во авионот до утрото.
Ситуацијата беше дополнително комплицирана од конфигурацијата на кабината дизајнирана за кратки летови, со тесни седишта и без ќебиња или перници, додека залихите од храна и пијалоци беа ограничени.
Аеродромот во Минхен, еден од главните центри на Луфтханза, има строга забрана за ноќни летови од полноќ, што, според медиумските извештаи, дополнително го комплицирало решавањето на ситуацијата.
Патниците биле транспортирани до терминалот дури во раните утрински часови, од каде биле пренасочени кон други летови за Копенхаген. Првиот утрински лет во 6:40 часот наутро исто така бил одложен за околу еден час.
Данскиот таблоид „Екстра Бладет“ прв пишувал за инцидентот.
Луфтханза соопшти дека причина за прекинот се обилните снежни врнежи, што довело до привремено затворање на пистите и дека компанијата жали за непријатностите што ги претрпеле патниците.


