Папата се сретна со рускиот митрополит Антониј по коментарот за мировна мисија во Украина

 

 

Папата Франциско во средата разговарал со вториот човек во Руската православна црква неколку дена откако понтифот даде интригантен, но збунувачки коментар, за учеството на Ватикан во мисија да се стави крај на војната во Украина, пренесува „Еурактив“.

Рускиот митрополит Антониј добил почесно место на јавната аудиенција на папата на плоштадот „Свети Петар“, а потоа прв бил однесен да го поздрави папата, кој разговарал со Антониј подолго отколку со другите.

Тој се сретнал и со други претставници на Ватикан, но не е јасно дали ќе има приватна аудиенција со папата за време на неговата посета на Рим.

Митрополитот Антониј е директор на Одделот за меѓународни односи на Руската православна црква (РПЦ) и викар на рускиот патријарх Кирил, кој е близок сојузник на Путин и целосно ја поддржува руската инвазија на Украина како бедем против Западот што тој го опишува како декадентен.

При враќањето од патувањето во Унгарија во неделата вечерта папата Франциско беше прашан дали унгарскиот премиер Виктор Орбан и претставниците на РПЦ може да го забрзаат мировниот процес во Украина и да договорат средба меѓу папата и рускиот претседател Владимир Путин.

Папата истакна дека Ватикан е вклучен во мировна мисија, чија цел е да стави крај на конфликтот меѓу Русија и Украина додавајќи дека исто така е подготвен да помогне во враќањето на украинските деца однесени во Русија или на територијата окупирана од Русија.

„Во тек е мисија, но таа сè уште не е јавна. Кога ќе биде јавна, ќе ја претставам“, одговори тој.

Папата Франциско додаде дека разговарал за Украина со Орбан и со митрополитот Иларион, главниот претставник на РПЦ во Будимпешта и претходникот на Антониј како шеф на надворешните односи на РПЦ, и дека сака да го посети Киев, но и Москва, во мировна мисија.

Но, се чини дека неговите зборови ги изненадија и Киев и Москва, кои истакнаа дека не знаат ништо за некаква папска мировна иницијатива што е во тек. Оттогаш, ниту папата Франциско ниту прес-службата на Ватикан не ги објасни коментарите.

Под притисок на новинарите на маргините на настанот во Рим подоцна во средата, државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин, тврдеше дека постои план за мисија, но дека папата треба да одлучи дали и кога ќе го открие.

Паролин, вториот човек во Ватикан, рече дека е изненаден што руските и украинските власти изјавиле дека не се информирани за таква мисија.

За потсетување, рускиот митрополит Антониј во јануари беше во посета на Македонија и се сретна со поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), што наиде на негодувања во владејачките политички и интелектуални кругови во земјата.

Професорот д-р Марјан Ѓуровски од Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет изјави во тоа време дека посетата на Антониј „претставува ризик за националната безбедност, закана за социеталната (идентитетска) безбедност во земјата и е спротивна на државните и националните интереси на сите граѓани, вклучително и на црковните интереси на МПЦ-ОА“.

Повикувајќи се на црковни извори, некои од бугарските медиуми пред средбата објавија дека митрополитот Антониј е во Македонија за да ги убеди македонските владици да не преговараат со Вселенската патријаршија и да бидат на линија со Руската православна црква.

Според нивните пишувања, рускиот митрополит во декември минатата година во Софија имал тајна средба со бугарскиот патријарх Неофит по која, како што посочуваат, синодот на БПЦ одлучи да го признае томосот на Српската православна црква за автокефалноста на МПЦ-ОА.

05.05.2023 - 15:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега