Хрватска се соочува со продолжување на серијата анонимни дојави за поставени експлозивни направи. Овој понеделник, училишта, редакции и градски администрации во Загреб, Сплит, Риека и Дубровник беа цел на заканувачки е-пораки, што предизвика итна евакуација на образовните институции и полициски проверки на терен.

Полициските власти потврдија дека постапуваат согласно строгиот протокол за вакви ситуации. „Полициските службеници веднаш стапија во контакт со одговорните лица, а се спроведуваат процедури за верификација“, соопштија од полициските управи. Во Загреб, каде меѓу другото беше евакуиран и Природно-математичкиот факултет „Владимир Прелог“, полицијата врши детални контрасаботажни инспекции.

Овој нов бран доаѓа само неколку дена откако минатата недела, во периодот од 22 до 24 април, земјата беше парализирана од повеќе од 500 лажни дојави за бомби во градинки, трговски центри и институции.

Министерот за внатрешни работи, Давор Божиновиќ, овие настани ги оцени како дел од „хибридна војна“. Тој посочи дека полицијата интензивно соработува со европските партнери со цел да се лоцираат серверите и домените од кои се испраќаат овие масовни закани, за кои се претпоставува дека се наоѓаат надвор од границите на Хрватска.

Градот Загреб остро ги осуди овие систематски обиди за вознемирување на децата и нарушување на наставата, потсетувајќи дека лажното пријавување е кривично дело кое подлежи на сериозни санкции. Иако надлежните се надеваат дека и овие пријави, како и претходните, ќе се покажат како лажни, сепак апелираат на максимална претпазливост и смиреност кај граѓаните.

Exit mobile version