Пандев за пензијата, Шевченко и поранешниот тренер Мурињо

 

Горан Пандев по завршувањето на сезоната ќе се пензионира. Триплетата со Интер во 2010 и пласманот со Македонија на Европското првенство, се лајт мотивите на блескавата кариера која на почетокот на овој век ја започна во Беласица.

Пандев како фудбалер на Џенова ќе стави крај на кариерата. Неговиот тим од пред две недели има нов тренер. На клупата на „грифоните“ седна славниот Андриј Шевченко. Легендата на Украина и Милан, ќе дебитира викендов против Рома, на чија клупа седи екс-тренерот на Пандев, Жозе Мурињо.

Македонскиот рекордер (122 настстапи и 38 голови во националниот тим), во изјава за „Кориере дело Спорт“, потврдил дека нема да го смени мислењето и дека по завршувањето на сезоната ќе замина во фудбалска пензија. Дополнил дека нема намера да започне тренерска кариера.

„Дефинитивно ова е мојата последна сезона. Не мислам дека некогаш ќе работам како тренер, можеби да бидам менаџер или нешто слично. Клубот направи добра работа со ангажманот на Шевченко. Тој е амбициозен тренер, со шампионски ген, од него многу се очекува. Мурињо? Имам само пофални зборови за него. Мурињо е човекот кој го промени мојот поглед кон фудбалот“, изјавил Пандев.

Џенова со Шевченко на клупата ќе ја пречека Рома на Мурињо, во недела од 20.45 часот.

20.11.2021 - 15:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега