Палевски за патувањето во Турција: Не бегав, одев на магнетна резонанца и во воен архив
Љупчо Палевски, обвинет за убиството на Вања и Панче денеска даде опис за неговото патување до Турција. Одговарајќи на прашањата од неговиот адвокат, Јовица Страшевски, потенцираше дека патувал до Турција на регуларен начин заради здравствени причини и лични интереси.
-Заминав со регуларна патна исправа преку редовен премин, нагласи тој.
Посетата до Истанбул, според неговиот исказ, покрај снимање магнетна резонанца била и посета на воен архив.
-Втора причина е посета на воен ахрив во Истанбул. Требаше да земам копија и доказ дека на 4 мај 1903 година во село Баница немало ниту еден аскер и дека Гоце Делчев не е убиен од турска војска, туку од врховистите. Третата причина зошто сум гледал карти од Минск и од Москва е мојата желба и намера да одам во Москва, но ниту сум букирал карта, ниту сум купил, туку мојата желба и намера не се реализирала, а на обвинителката многу добро ѝ е познато зошто. Јас требаше да одам во Москва од причина да земам копија од Новгородски ливчиња од јавната библиотека на Москва, рече тој.
Палевски истакна дека неговите активности, по враќањето од Турција, биле цел на лажни медиумски написи дека бил во бегство.
-Тврдењето низ медиуми, а во суштина е тврдење на ОЈО кое брифира медиуми, дека јас сум во бегство е брутална лага, а дополнително, кога сме веќе кај ова патување, на судот и писмено се обратив утрово со поднесок, да ги издвои доказите од возилото Ренџ Ровер, струмички таблици, има врз него направено криминалистичко техничка обработка на 5 декември, возило со кое сум патувал од Белград до Турција, кое нема никаква врска за кривично правниот настан за кој се судиме, во кое се пронајдени единствени седум днк траги, ЈО во судот и во обвинителниот акт ги декларира дека се работи пронајдени на лице место и заедно со лопатата, канистри, јастуци од место на настан Дупки, заедно се ставени и овие е предмети кои немаат никаква врска со кривично правниот настан, туку мое патување шест дена после убиството на детево, од Белград до Истанбул, рече тој.
Сподели дека неговото пристигнување во Баликесир е на 2 декември, при што веднаш земал куќа под закуп со негово име и негова патна исправа.
-После дознавањето дека сум осомничен, 3 декември, претрес на мојот дом, јас, утрето на 4, откако претходно истата вечер на 3 декември на Стефан Димковски му дадов пари за пат и му кажав да замине за Македонија веднаш, а и тој самиот планираше да замине ноќта на пат. На 4 откако Стефан замина за Македонија, ја вратив картичката за интернет земена претходниот ден, ги вратив и клучевите од куќата иако беше платена за месец дена однапред, не ја искористив автобуската карта до Истанбул. Преспав и утрето заминав од куќата, отидов на бензиска пумпа во Баликесир за да размислам како и што треба да направам, отидов во пицерија во близина на бензинската пумпа во градот за да ручам и очекував секој момент да се појави полиција бидејќи на сите портали во Република Турција беше мојата слика, рече тој.
Сабајлето, како што дополни, на 5 декември по барање на ЈО на Баликесир бил однесен пред судот во Баликесир.
-Ми беше прочитано за што сум осомничен. Бев прашан дали постои можност за мачење и убиство во Република Македонија. Од срам за сопствената држава, кажав дека не постои таква можност, да бидам мачен и убиен, бидејќи тоа е процедура кога ве прашуваат дали и како сакате да бидете екстрадиран, рече тој, дополнувајќи дека пуштил молба за побрза екстрадиција, затоа што, како што рече, „знам со кого си имам работа“.
Палевски ги изнесе своите ставови за работата на истражните органи и обвини за непочитување на неговите права при екстрадицијата и притворот. Тој, исто така, отфрли тврдења дека во екстрадицискиот притвор имал посети од влијателни личности, нарекувајќи ги „класични измислици.“
Негираше дека е тепан и малтретиран, при што ја пофали работата на затворската полиција. Рече и дека по рочиштето во декември 2024, на која ги издиктирал сериските броеви на оружјата при барање за изземање на јавното обвинителство, му бил направен претрес во ќелијата, шест пати.
Во врска со настанот од Демир Капија, рече дека е настан врзан за оваа постапка бидејќи таму се регистрирани моторолите од инспектор од Неготино.
-Тоа е настан на кој ми е одземен пиштолот со дозвола, Walther P99, шест месеци пред убиствата на Панче и Вања. Но е многу важно затоа што инсистирањето и целата организација на тој настан е од Велибор Манев кој инсистираше, јас и Влатко Кешишев да сме внимавале, додека Велибор Манев и Боре Видевски проверуваат пештера која е во непосредна близина на реката Вардар во клисурата Демир Капија. Тогаш за прв и последен пат видов моторола која ја извади од автомобилот Велибор Манев, една ни даде на мене и на Влатко, кои останавме надвор, а втората ја понесоа со себе Велибор и Боре кога влегоа во пештерата да ја проверат. Сето ова што го кажувам е запишано во записник на полициската станица Неготино и е дел од листата на докази на ОЈО, еден од обвинителите акти, рече тој.
Палевски потенцираше дека овој настан е важен бидејќи времето на задржување на Демир Капија и на потпишување на, како што рече „некаков записник за одземање на оружје, идентично одговора на времето кога во 7:10 се гледаме на видеото на ОЈО кое го гледавме кога и пристигнавме од Неготино во Велес“, потенцирајќи, „со овој настан се утврдуваат три важни околности, време, мотороли, пиштол“.
Претходно, тој негираше одговорност за убиствата на Вања и Панче, тврдејќи дека нема мотив за такви злосторства и дека е жртва на „морален атентат“, организиран од политички и медиумски структури. Според него, обвиненијата се дел од обидите за негово дискредитирање поради неговите активности против корупцијата и перењето пари во земјата, како и политичкиот ангажман за организирање референдум за прашањето со Бугарија.
Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа