Пакомак совети: Како да бидете еко-одговорни во лето?

 

Летото е пред прагот, а тоа значи дека во наредните неколку месеци викендите и слободните денови ќе бидат исполнети со планирани патувања, забава и разни авантури. Олеснувањето на рестриктивните мерки конечно ни дава можност да поминеме повеќе време во природа, но ако сакаме да ја зачуваме чиста, мора да внимаваме како се однесуваме додека сме на отворено. Додека ги впивате летните сончеви зраци на отворено, обидете се да ја намалите количината на отпад што го произведувате, да заштедите на ресурси и да ја зачувате природата здрава и чиста следејќи ги еко-советите од Пакомак.

Кога одите на патување

Планот е направен: облеката и гаџетите спакувани, автомобилот подготвен и утре тргнувате на еднодневен излет. Не заборавајте да понесете вода и храна, но обидете се да не купувате ништо што не ви е потребно. Користете реупотребливи шишиња кои можете да ги вратите дома по излетот на отворено наместо да купувате нови, чии пластични амбалажи претставуваат отпад во најава. За крај, можеби најважното - понесете си големи ќеси во кои ќе го соберете ѓубрето што ќе го создадете додека сте на отворено, за потоа да можете го оставите во најблискиот контејнер.

Кога правите домашна забава

Домашните забави можат да бидат најзабавните случувања во летото, особено ако живеете во куќа со простран двор каде можете да соберете повеќе пријатели на отворено. Организирајте забава со скара и пиење, но предупредете го друштвото дека додека трае забавата – секој го фрла својот отпад во канта. Дури можете и да поставите посебна канта каде присутните ќе можат да го фрлаат отпадот кој може да се рециклира. За уште еднаш да го избегнете купувањето на пластичен прибор и чаши, обидете се да го користите приборот кој веќе го имате дома. Вие и вашите пријатели треба да бидете повнимателни за да не скршите некоја чинија или чаша, па можеби тоа и ќе резултира во десетина минути повеќе поминати над мијалникот во кујна додека ги измиете сите садови, но ќе се чувствувате безброј пати подобро знаејќи дека не создавате отпад кој не морал да биде создаден.

Кога сте на базен или на плажа

Базените се подготвуваат за отворање, а плажите веќе ги добиваат првите посетители од летната сезона. Како и на секоја активност на отворено, така и посетувањето на базен, а особено плажа, треба да се изведе одговорно. За почеток, бидете внимателни со изборот на душеци, играчки и гуми за пливање. Повеќето од нив се произведени од PVC, материјал што не се рециклира, па затоа пробајте да ги одбегнете нив. Ако веќе морате да купите или поседувате PVC производи, внимавајте каде тие ќе завршат во случај на оштетување. Таквиот отпад мора да заврши во корпа, бидејќи оставен во природа може да испушти штетни хемикалии кои се лоши по човековото здравје. Исто така, препорачливо е носење на хартиени ќеси за ставање на храната и пијалаците што ги носите со себе, како и неколку најлонски ќеси во кои ќе го ставите ѓубрето што ќе го направите додека сте таму.

Реупотреби, Селектирај и рециклирај!

Најголемата шанса што ѝ ја давате на природата за да остане чиста и здрава е ако се однесувате одговорно кон неа. Затоа, важно правило и постојана мантра треба да ви биде „Рециклирај, рециклирај, рециклирај!“. Пакомак ве повикува да го одложувате отпадот кој го создавате во соодветниот контејнер, за тој да може да заврши онаму каде што треба. Сиот отпад кој може да се рециклира најчесто е означен со знакот за рециклирање (♻) и треба да заврши во еден од обоените контејнери на Пакомак, кои ги сигнализираат трите видови на рециклабилен отпад: зелена (стакло), сина (хартија) и жолта (пластика и лименки). Што почесто го одложувате отпадот, толку повеќе природни ресурси успевате да заштедите. Затоа, постапувај одговорно и рециклирај! 

08.06.2022 - 09:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега