Зелената транзиција долго време се доживуваше како скап и сложен процес, резервиран за големите компании со значителни финансиски ресурси. Но, според Јасна Пајковска, управителка на консултантската компанија Импакт Вајс Солушнс, реалноста е поинаква. Најголемите можности за заштеда често се кријат токму во сегментите што компаниите најмалку ги следат.
Со алатката GreenProfit360, развиена во рамките на проектот „Забрзување на зелената транзиција за одржлив раст на ММСП“, компаниите можат однапред да ја пресметаат исплатливоста на зелените мерки и да донесуваат одлуки врз основа на факти, а не претпоставки. Проектот се спроведува во рамки на проектот „Енергетска ефикасност во градежништво и реновирање“ како дел од програмата RECONOMY – регионална програма за инклузивен и зелен економски развој, финансирана од Swedish International Development Cooperation Agency (Sida), имплементирана од Helvetas Swiss Intercooperation во партнерство со Центарот за Промоција на Одржливи Земјоделски Практики и Рурален Развој – ЦеПроСАРД.
Кога претприемач ќе го слушне поимот „зелена транзиција“, првата асоцијација најчесто е – дополнителен трошок. Дали тоа е оправдано?
Пајковска: Тоа е разбирлива, но погрешна перцепција. Зелената транзиција не претставува трошок, туку инвестиција што создава долгорочна вредност. Таа истовремено ги намалува оперативните расходи и ја зголемува конкурентноста на компанијата. Денес пазарот бара одговорно и одржливо работење, па зелените практики веќе не се конкурентска предност сама по себе, тие стануваат нов деловен стандард. Компаниите што ќе започнат навреме ќе имаат значајна предност во годините што следуваат.
Во рамките на проектот спроведовте истражување меѓу компаниите. Кои беа најзначајните сознанија?
Пајковска: Најмногу нè охрабри фактот што интересот постои. Компаниите сакаат да воведуваат зелени практики, но најчесто се соочуваат со три предизвициа тоа се, немаат систематизирани податоци, не знаат од каде да започнат и сметаат дека ваквите инвестиции се прескапи.
Истражувањето покажа нешто сосема поинакво. Најголемиот потенцијал за заштеда се наоѓа во подобрувањето на енергетската ефикасност, модернизацијата на опремата и поефикасното управување со отпадот. Со правилен пристап компанијата истовремено ги намалува трошоците и своето влијание врз животната средина.
Каде најбрзо се чувствуваат резултатите?
Пајковска: Најчесто кај потрошувачката на енергија. Оптимизацијата на системите за греење и ладење, модерното осветлување и поефикасното користење на постојната опрема носат резултати за релативно краток период.
Но, тука постои уште еден важен аспект. Голем број компании воопшто не ја следат својата потрошувачка. Кога нема мерење, нема ниту реална слика за состојбата. Токму во таа „невидливазона“ се кријат најголемите можности за заштеда, кои честопати можат да се реализираат и без значителни финансиски вложувања.
GreenProfit360 е нова алатка на пазарот. Како би ја објасниле со едноставни зборови?
Пајковска: GreenProfit360 е практична Excel-алатка што на едно место ги обединува финансиските показатели, потрошувачката на енергија и емисиите на CO₂. Нејзината вредност не е само во анализата на состојбата, туку во тоа што ги интегрира техничките, финансиските и организациските аспекти во единствен процес што води кон конкретна деловна одлука.
Како функционира тоа во пракса?
Пајковска: Компанијата ги внесува сопствените податоци, а алатката веднаш создава реална слика за моменталната состојба. Потоа може да се симулираат различни сценарија, замена на системот за греење, подобрување на изолацијата, воведување обновливи извори на енергија или оптимизација на опремата.
За секое сценарио се пресметуваат ефектите врз трошоците, потрошувачката на енергија и емисиите на CO₂. Наместо одлуки донесени врз основа на претпоставки, компанијата добива јасни, споредливи и финансиски оправдани решенија, како и прецизно дефинирани приоритети.
Што би им препорачале на компаниите што сè уште се двоумат дали да започнат со зелената транзиција?
Пајковска: Најважно е да не чекаат „совршен момент“, затоа што тој ретко доаѓа. Зелената транзиција не мора да започне со големи инвестиции. Напротив, најдобрите резултати најчесто се постигнуваат преку мали, внимателно планирани чекори засновани на податоци.
Прво треба да се измери состојбата, потоа да се анализира и врз основа на тоа да се постават приоритетите. Компаниите што ќе започнат навреме постепено ќе ги оптимизираат своите процеси, ќе ги намалат оперативните трошоци и ќе изградат долгорочна конкурентска предност. Зелената транзиција денес освен што е општествена одговорност, таа претставува и реална деловна можност.
Што работи вашата компанија?
Пајковска: Импакт Вајс Солушнс ДООЕЛ е консултантска компанија од Скопје специјализирана за развој на бизниси, поддршка на микро, мали и средни претпријатија, зелена транзиција, социо-економски развој и поддршка на маргинализирани групи. Компанијата развива практични и одржливи решенија што придонесуваат за подобри деловни перформанси, пониски оперативни трошоци и зголемена конкурентност.
- Јаневска најави казни: Се подготвуваат законски измени, парични санкции за родителите на децата кои вршат насилство
- Државата ги чешла цените на 700 прехранбени производи, се најавуваат нови економски мерки
- СДСМ: Црна Гора со 3,2 милијарди евра а Македонија со само 67 милиони евра, за кои реформи и пари зборува Кочовска
- Тошковски: Историски најдобри резултати во безбедноста во сообраќајот и намалување на криминалот во Струмица
- Мицкоски: Ги зголемивме пензиите на пензионерите линеарно за 7.000 денари
- УХМР: Утре повторно променливо време, попладне доаѓа ново невреме со град и силен ветер
- МВР со интензивни контроли: Приведени 13 возачи без дозвола ширум државата, меѓу нив и тројца малолетници
- Утре ќе нема струја седум часа – ЕВН најави исклучувања во неколку населени места


