Пад на притисокот во гасоводот Северен тек 2

Притисокот во гасоводот Северен тек 2 остро паднал во текот на изминатата ноќ, потврди во понеделникот портпаролот на компанијата оператор „Nord Stream 2 AG“, наведувајќи како можна причина истекување на гасот.

Властите во Германија, Данска, Шведска, Финска и Русија веднаш биле известени, изјавил портпаролот Улрих Лисек од седиштето на компанијата кое сѐ уште не е префрлено од Швајцарија во Германија иако е таму регистрирано според германското законодавство,

Ноќта кон понеделникот притисокот во делот од гасоводот кој минува низ подморјето паднал од 105 на само 7 бари. Во германското министерство за економија соопштија дека не ја знаат причината и оти вршат проверки дали тоа се случило во германските територијални води.

„Во моментов сме во контакт со регулаторите за да ја разјасниме ситуацијата. Сѐ уште не е јасна причина, ниту точните факти.

Истовремено Поморската управа на Данска објави дека е забележано истекување на гас во близина на островот Борнхолм, од кој југоисточно минува гасоводот. Според данската служба, „тоа може да биде опасно за пловидбата“.

Компанијата која управува со гасоводот тврди дека гасот не истекува во Лубмин, на северот од Германија.

„Некаде сигурно постои дупка, само никој не знае каде. Да истекува во Лодмбин, ќе слушнавте“, изјави портпаролот на „Nord Stream 2 AG.

Рускиот гасен гигант „Газпром“ одговори дека прашањето за инцидентот треба да биде проследен до операторот, кој пред судот во Швајцарија побара заштита од доверителите. Судот неодамна му го продолжи рокот за реструктуирање на финансиите.

Инцидентот се случува откако неодамна рускиот претседател Владимир Путин порача дека енергетската криза во Европа предизвикана со минимизирање на капацитетите на гасоводот Северен тек 1, може да се надмине со ставањето во функција на гасоводот Северен тек 2, кој е исполнет со гас и подготвен за експлоатација во секое време.

Кон средината на август потпретседателот на германскиот парламент Волфганг Кубицки, изјави дека Германија би требало да го стави во функција гасоводот Северен тек 2 за да се подготви за зимата, истакнувајќи дека приоритет на владата би требало да биде стабилното снабдување со гас.

Гасоводот Северен тек 2 преку два цевковода требаше да ги удвои испораките на гасот од Русија во Германија за дополнителни 55 милијарди кубни мети гас годишно. Градењето на овој систем кој е дизајниран и за испораки на водород, траеше три години и заврши на 10-ти септември 2021 и исполнет е со технички гас.

Северен тек 2 требаше да ги удвои испораките на рускиот гас во Германија, на вкупно 110 милијарди кубни метри гас годишно. Руски „Газпром“, германските „Wintershall Dea“ и „Uniper“, австриски ОMV, француски „Engie“ и британски „Shell“ го потпишаа договорот за градење уште кон средината на 2015 година. „Газпром“ е сопственик на 51 отсто од уделите во проектот.

Тоа го предизвика стравот на Украина дека ќе губи милијарди евра годишни од транзитот на рускиот гас преку нејзината територија, а покрај тоа Полска и другите земји стравуваа дека Германија поскапо ќе им го продава гасот. Вашингтон предупредуваше дека преку него Русија ќе го користи за политичко влијание во Европа, но Берлин тогаш рече дека САД сакаат да го промовираат на континентот својот поскап течен гас од шкрилци.

Откако гасоводот беше довршен, Германија го суспендираше издавањето дозвола по доаѓањето во Вашингтон на власт на претседателот Џо Бајден, и бараше конзорциумот со седиште во Швајцарија да биде префрлено во Германија што беше и сторено. Годинава Берлин го суспендираше ставањето во функција, поради војната во Украина. Во меѓувреме „Газпром’ ја продаде сопственоста над филијалата „Gazprom Germania“којашто управува со важно складиште за гас, а се занимава и со трговија. Германија ја национализираше со образложени дека сака да го осигури снабдувањето со гас.

26.09.2022 - 17:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега