Пациент со цистична фиброза: Состојбата на пациентите им се влошува, до кога ќе го мерат во цена мојот живот?

Пациентите со цистична фиброза кои ја чекаат државата да им го набави скапиот лек, утре излегуваат на протест, во 12 часот, пред Владата.

Поддршка бара и Игор Пехчевски од Берово. Има 31 година, а болеста му е дијагностицирана на две години.

За „Макфакс“ посочува: „имаме право на лек, бараме модуларна терапија за сите“.

Тој прашува: „До кога македонското Министерство за здравство и Владата ќе калкулираат и ќе го мерат во цена мојот живот и животот на останатите мои соборци. Пехчевски не го крие незадоволството, исто како и останатите, околу 130 заболени со цистична фиброза.

„Зарем и покрај борбата со болеста, потребно е да се бориме и со системот, за да го добиеме лекот ‘Трикавта’ кој ни следува на сите нас пациентите со цистична фиброза? За лек не можевме дури ни да сонуваме. А сега кога тој постои, ние сепак го немаме кај нас во Македонија. Состојбата од ден на ден на пациентите им се влошува и за жал нема назад ако не е достапна оваа терапија. Сега веќе имаме неколку пациенти кои се постојано со кислородна поддршка и во тежок стадиум од болеста. Не смее да дозволиме овој број да се зголеми. Колку порано се започне со терапијата – толку е подобро. Бидејќи, станува збор за прогресивна болест која прави оштетувања најмногу на белодробието, но засегнати се и многу други органи“ – посочи Пехчевски.

Министерот за здравство, Беким Сали, рече дека скапиот лек „трикафта“ првично ќе биде набавен за осуммина пациенти, кои се во потешка здравствена состојба.

Тој додаде дека не може да потпише писмена гаранција оти ќе го набават лекот, како што беше побарано од болните од цистична фиброза, а за да не организираат нов протест за утре.

03.02.2023 - 18:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега