Отворено писмо на Еуромакс: Си доделувате признанија и благодарници а за 40 години сте отвориле само еден рудник
„Обична хипокризија е што за значењето на рударството се зборува во суперлативи само на „28-ми Август – Денот на Рударите“ селективно коментирајќи и посетувајќи ги парадно само постојните „стари“ рудници кои започнале во минатиот век и во претходната државна заедница. Притоа лицемерно е да си доделувате различни признанија и благодарници „за посебен придонес во развојот на рударската индустрија“ кога ноторен факт е дека во последните 40 години во земјата е отворен само еден нов коп за метали (бакар) во склоп на стариот рударски комплекс (!?).“
Почитувани,
Изненадени од леснотијата со која од Ваша страна се игнорира економско-правната битка на Еуромакс Ресоурцес ДОО за реализација на инвестицијата во рударскиот комплекс Иловица-Штука, решивме да Ви се обратиме со ова писмо.
Се надеваме дека барем вам не треба да ве потсетуваме дека Euromax Resources Ltd. е проектна компанија регистрирана во Ванкувер, Канада и листирана на престижната Берза за хартии од вредност – Toronto Stock Exchange “TSX”, каде што во мултинационалната структура на капиталот главен инвеститор е деловен гигант – Trafigura Grоup. Преку Еуромакс Ресоурцес ДОО Скопје, компанијата е активно присутна во РСМ од 2007 (веќе полни 17 години) работејќи професионално на развој на проектот за современ рударски комплекс Иловица - Штука, како “role model” за најсовременото одржливо рударство на 21-от век, примена на најуспешни технологии, практики и највисоки стандарди за заштита на здравјето и животната средина. Во долгиот процес на геолошки истражувања, подготовка и експертска изработка на обемните стручни документи, проекти и студии, досега се инвестирани повеќе од 50 милиони евра.
Но тоа веќе би требало добро да ви е познато затоа што Еуромакс Ресоурцес ДОО е легитимен и полноправен дел од овие три бизнис асоцијации со кои вие раководите и никако не заслужува да биде целосно игнориран!
Во следната фаза од планираните две години за изградба ќе бидат инвестирани уште 350 милиони евра. За текот на целиот период од оперативното функционирање на рударскиот комплекс ќе се исплаќаат кумулативно по околу 75 милиони евра секоја година на повеќе домашни компании од диверзифицирани дејности. Оваа мега-странска инвестиција ќе генерира потреба од околу 3200 нови директни и индиректни работни места од најразлични професии со што значително ќе помогне на државата за ефикасно намалување на долгогодишниот девастирачки тренд на економски мотивирана миграција. Овој индустриски капацитет со своето работење ќе овозможи раст на ИЗВОЗОТ, во просек над 200 милиони евра годишно со што значително ќе се зголемат приливите на девизни средства, подобрување на националната структура на билансот на плаќања и олеснето одржување на стабилниот курс на денарот... согласно актуелните законски прописи, секоја година ќе се уплаќаат приближно по 25 милиони евра во државниот буџет и над 3 милиони евра директно ќе се слеваат во буџетите на локалните управи на општините Босилово и Ново Село.
Како одговорни раководители на најрепрезентативните и највлијателни бизнис-асоцијации во нашата држава, сигурно ви е добро познато дека посакуваната глобална транзиција кон „зелена економија“, „чисти“ технологии и производство на енергија од обновливи извори (ветер, сончева и геотермална) ќе резултира со побарувачка од околу 3 милијарди тони минерали и метали, односно потребно е 500% зголемување на производството на критични минерали и метали до 2050 година (бакар, алуминиум, цинк, литиум, никел..)
Неизбежно се наметнува заклучокот дека современото одржливо рударство на металични минерални суровини е клучната алка без која општо прифатената програма за глобална транзиција во „зелена економија“ би останала само обична декларативна желба! Токму затоа за европска држава како РСМ која докажано има наоѓалишта на овие критични метали и минерали, тоа претставува „golden opportunity“ но за жал дури ни вие не го препознавате и поддржувате, приклучувајќи се индолентно кон овој своеврсен „економски и социјален мазохизам“(!?).
Со неразбирлива леснотија, незаинтересираност и безгласно цели 7 години ја проследувате оркестрираната манипулативна „анти - рударска“ хајка која започна во втората половина на 2016 година во Гевгелија каде брутално се спречи странскиот инвеститор да ги комплетира геолошките истражувања на концесискиот локалитет, па преку Валандово до Струмичко. Сериозни индиции укажуваат дека ваквата организирана црна кампанја, преку небулозните слогани како „рудници на смртта“ или „спас за југо истокот“ е подготвена во хибридни центри на блендирани политички и бизнис интереси во и надвор од нашата држава, а се спроведува на терен преку неколкумина самопрогласени лидери на еко-активизмот на југо истокот. Ваквите центри во континуитет добро ги „мотивираат и наградуваат“ овие ликови за нивните актерски улоги на (лажно) загрижени еко-активисти. Во сите овие 7 години целата јавност може да согледа дека нивната задача е брутално да ги сатанизираат и стигматизираат странските инвестиции. Преку сеење на дезинформации целта е да се создава чувство на страв и загриженост кај нивните сограѓани, креираат немири и ги повикуваат на народен бунт и борба со „жив штит“ на живот или смрт по секоја цена (???). Преку социјалните мрежи, протестите и нивните јавни настапи, тие затскриени под „наметката“ на легитимниот граѓански активизам, непречено користат говор на омраза и потикнуваат јавен „линч“ на „клетите профитери“ (странските инвеститори во овој случај!?). Во нивните пораки има елементи на дискриминација, примитивни лични навреди, нативизам, парохијализам и ксенофобија.
Проблемите со кои се соочуваат инвеститорите, посебно во рударскиот сектор ги присилуваат засегнатите компании да покренуваат високо профилни меѓународни арбитражни постапки и нашата држава веќе се соочува со финансиски оштетни побарувања од неколку милијарди евра! Вие, како лидери на најголемите и најреспектабилните бизнис асоцијации во земјата добро знаете дека големиот капитал е „плашлив“ и многу сензитивен на јасни показатели кога некоја промовирана бизнис дестинација има евидентни проблеми со владеењето на правото и обврската за заштита на инвеститорските права.Во случајот со Еуромакс Ресоурцес и неговите глобално реномирани инвеститори и акционери, факт е дека и самиот чин на евентуално покренување на меѓународен арбитражен спор ќе привлече големо внимание и гласно ќе одекне во деловните и финансиските кругови со што директно ќе се руинира меѓународниот имиџ на државата која како полноправна членка на НАТО и држава претендент за полноправно членство во ЕУ помеѓу другото има и обврска да обезбеди правна сигурност и ефикасност во спроведување на законите како за домашните така и за странските инвеститори.
Длабоко жалиме што, вие како раководни лидери на овие бизнис асоцијации пролонгирано манифестирате бирократски конформизам со крајно селективни, би рекле дискриминаторски ангажмани и пристап кон проблемите со кои се соочуваат дел од полноправните членки, посебно дел од големите странски инвеститори во рударството на металични минерални суровини. Со неодговорното игнорирање, молчење и без јасен став и активност вие во неразбирливо долг период невешто се обидувате да се задржите на, за вас, комфорна дистанца. Обична хипокризија е што за значењето на рударството се зборува во суперлативи само на „28-ми Август – Денот на Рударите“ селективно коментирајќи и посетувајќи ги парадно само постојните „стари“ рудници кои започнале во минатиот век и во претходната државна заедница. Притоа лицемерно е да си доделувате различни признанија и благодарници „за посебен придонес во развојот на рударската индустрија“ кога ноторен факт е дека во последните 40 години во земјава е отворен само еден нов коп за метали (бакар) во склоп на стариот рударски комплекс (!?).
Целокупниот менаџмент, бордот на директори и инвеститорите на Еуромакс Ресоурцес се непоколебливо одлучни да продолжат со сите легитимни и законски предвидени активности неопходни за реализација на оваа мега-странска инвестиција и функционално оперирање на современиот рударски комплекс за бакар „Иловица - Штука“!
Со почит,
Живко Груевски
Директор, Комуникации и Односи со Јавноста
Еуромакс Ресоурцес
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа