„Отворен Балкан“ за поголема регионална соработка, а не алтернатива за ЕУ
Лидерите на „Отворен Балкан“ ја потврдија заложбата за отворени граници, слободен проток на стоки, капитал и работна сила, a соработката и меѓусебната поддршка, како што рекоа на Самитот во Охрид, веќе даваат резултати.
Иницијативата „Отворен Балкан“ претставува стабилен и развиен регион кој во сите области го подобрува животот на граѓаните, формирана е за поголема регионална соработка и за економски развој на земјите-членки, но не е замена за Европската унија, беше пораката од дводневниот Самит на кој присуствуваа премиерите на Северна Македонија, Албанија и Црна Гора, Димитар Ковачевски, Еди Рама и Дритан Абазовиќ, претседателот на Србија Александар Вучиќ, претседавачот со Советот на министри на БиХ Зоран Тегелтија и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи.
Заеднички е ставот на лидерите, дека во интерес на сите граѓани од регионот е соработката за поголем економски развој и за остварување на европските интеграции.
Премиерот Ковачевски забележа дека од исклучителна важност е, Европската унија и земјите членки максимално одговорно да прифатат дека проширувањето со земјите од Западен Балкан веќе е и стратешко и безбедносно прашање.
– Заложба на иницијативата е подобар животен стандард на граѓаните, односно обезбедување подобра инфраструктура, политички систем со сите свои атрибути, како што се владеењето на правото, борбата против корупцијата, ефикасноста на администрацијата и на сите институции, нагласи Ковачевски.
Тоа, посочи, е оригинална иницијатива на поранешниот премиер Зоран Заев, српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама, базирана на европски вредности. Македонските, српските, албанските и црногорските граѓани, како и оние на Босна и Херцеговина и Косово, според него, имаат право да живеат врз основа на европски вредности и да соработуваат меѓу себе. Тој најави дека претпријатијата од Северна Македонија, Албанија и Србија кои управуваат со патарините работат на поврзување на системите за електронска, што ќе овозможи граѓанин од Србија со таг за електронска наплата со своето возило да може без застанување да помине и на македонска и на албанска патарина.
Иницијативата, подвлече, тежнее кон отворени граници и побрз проток на стоки и услуги. Во услови кога цела Европа се соочува со последици од воената, енергетската, економската и здравствената криза, според Ковачевски, земјите од регионот се природно поврзани една со друга и имаат заедничка цел – заедно да одат напред.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа