Откриена бистата на првиот македонски претседател: Ја изработи родител на ученик во центарското училиште

 

Бистата на поранешниот претседател Киро Глиговор, која денеска беше свечено откриена во дворот на училиштето „Киро Глигоров“ во скопски Центар е дело на Дарко Дуковски, родител на ученик од училиштето. Тој на свеченоста изјави дека му било чест и предизвик да ја изработи бистата.

На свеченоста градоначалникот Герасимовски заедно со директорката Билјана Билбиловска истакнаа дека со ова спомен обележје поставено во училишниот двор меѓу младите генерации, се продолжува патот на големиот државник Киро Глигоров.

-Оваа биста, за нас Центарци е многу повеќе од обичен споменик. Таа е потсетник дека сме на вистинскиот пат. На патот кој го трасираше Киро Глигоров. Убеден сум дека претседателот Глигоров би се гордеел со ова модерно и современо училиште кое го носи неговото име. Нашите деца заслужуваат вакви училишта со највисоки стандарди, рамо до рамо со европските, а сепак наши автентични македонски, истакна Герасимовски.

– Киро Глигоров беше лидер кој ги постави основите на современата македонска држава, воден од принципите на демократија, мир и соработка, истакна претседателот на СДСМ Венко Филипче.

На свеченоста во Скопје, Филипче истакна дека Глигоров остави силен печат врз историјата со правецот по кој ја движел земјата.

-Тој беше лидер кој ги постави основите на современата македонска држава, воден од принципите на демократија, мир и соработка. Глигоров е симбол за мудрост и визионерство, затоа и не случајно многумина го нарекуваа „Таткото на нацијата“. Во најтешките моменти, кога државата се соочуваше со предизвици во процесот на независност, донесе мудри политички одлуки.  Глигоров го постигна она што ниту една Република од поранешна СФРЈ не успеа да го направи, Македонија по мирен пат стана независна, суверена и демократска држава. Благодарение на Глигоров, рече Филипче, Македонија стана дел од најголемото меѓународно семејство на народи- Организацијата на обединети нации.

На свеченоста беа доделени благодарници на заслужните, како и ан дел од гостите.

 
09.10.2024 - 13:32

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега