Градоначалникот на Општина Радовиш, Љупче Почивалец, презентираше отчет за реализираните активности, проекти и иницијативи во изминатиот период, истакнувајќи дека фокусот на локалната самоуправа е насочен кон подобрување на условите за живеење, инфраструктурата и локалниот економски развој.
Во делот на инфраструктурата, Почивалец ги наведе завршувањето на улицата „Ванчо Прке“, завршните фази на Градскиот пазар, мултифункционалниот простор во Стоковната куќа, Домот на културата „Ацо Караманов“, како и регулациите на Ораовичка Река и поројот во село Воиславци. Исто така, обезбедени се средства за имотно-правни работи за градски базен, а набавена е нова опрема за противпожарната единица (ТППЕ Радовиш), вклучувајќи противпожарно возило и теренско возило.
Посебен акцент бил ставен на поддршката за младите и образованието. Доделени се субвенции за возачка дозвола за 91 млад човек во износ од 12.000 денари, 25 субвенции за велосипеди, униформи за првачиња и покриени трошоци за матурски прослави. Голем интерес предизвикала мерката за ослободување од комуналии за млади до 35 години при изградба на нов дом.
Во сферата на животната средина, за ЈП „Плаваја“ се обезбедени три специјални возила за отпад со цел решавање на проблемот со депонијата, додека во економскиот сектор во тек е пренамена на ТИРЗ зоната во индустриска зона.


