Освен во Скопје ВМРО-ДПМНЕ протестираше и во 20 други градови (ФОТО)
Продолжуваат протестите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Вечерва партијата освен во Скопје протестираше и во 20 други градови.
Генералниот секретар на најголемата опозициска партија, Ѓорѓија Сајкоски од Кичево порача дека евентуалното поптпишување на анекс на Договорот за добрососедство со Бугарија ќе биде штетен за Македонија.
-Никој никому не може да му одреди каков народ е. Ние сме посебен народ, ние сме македонски народ, ние сме народ кој што низ вековите живеел, ја градел својата иднина и го исцртувал минатото. Сакаме да порачаме, и остро да се спротивставиме, да укажеме и да кажеме дека на владата на Заев е доста! Доста е! Оставка сега и веднаш, рече Сајкоски.
Се протестираше и во Ресен и Струга. Пратеничката Олга Лазановска во Ресен рече дека секој чесен македонец ќе седи рамо до рамо сѐ додека премиерот Зоран Заев не поднесе оставка.
Во Струга, пак, говореше пратеникот Јова Јаулески.
Тој порача дека Македонија се наоѓа на една од најважните крстосници од нејзиното постоење и сега е моментот кога македонскиот народ не смее да погреши, односно не смее да дозволи одродени политичари да посегнуваат по македонската историја и идентитет.
„Протест сега, за да не биде предоцна“ на ВМРО ДПМНЕ се одржа вечерва во Тетово. Започна во станбениот комплекс Блок 70 каде партиските членови и симпатизери со собраа со возила по што се движеа по градските улици и булевари завршувајќи пред Споменикот на Револуцијата во центарот на градот. Таму беше оддадена почит за жртвите од бугарскиот фашистички окупатор.
–Нашата слобода е дело на народната борба против окупаторот, со многу жртви, падови и победи. АСНОМ е вториот Илинден. Денес сме тука обединети под бајракот на Македонија во оваа наша заедничка борба, борба за зачувување на сето она за што нашите претци се бореле и со крв ја натопиле македонската земја давајќи илјадници жртви за слобода и создавањето на сопствена држава, истакна Ангел Карапетров, претседател на општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ во Тетово.
На протестот во Битола говореше Трајко Славески кој рече дека народот не се согласува со државниот врв.
-Оттука исто така несогласувањето е што и по нашите барања за за средба, запознавање за тоа што се преговара, со кого се преговара, до тоа не дојде и мислам дека тоа е сосема некоректно. Ние сме тука заедно со граѓаните на Битола да кажеме дека ова не смее да помине, ние сме Македонци, македонскиот идентитет е таков со векови, македонскиот јазик е одамна признат и никакво негирање нема да прифатиме ниту од претставниците на Република Бугарија, најмалку од нашите избраници, затоа што некој ги избрал, кои што во овој случај се на границата на предавство, рече Славески.
Протести се одржаа и во Пробиштип, Крива Паланка, Свети Николе, Кавадарци, Неготино, Босилово и други градови и села низ државата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа