Министерството за правда на САД ќе подигне обвинение за убиство од прв степен против авганистанскиот државјанин осомничен за пукањето врз двајца припадници на Националната гарда во Вашингтон, изјави обвинителката Џанин Пиро. Осомничениот се соочува и со три обвиненија за напад со намера за убиство и три обвиненија за поседување огнено оружје за време на насилен напад, пренесуваат британските медиуми.

Во нападот тешко беа погодени Сара Бекстром (20) и Ендру Волф (24). Бекстром денеска им подлегна на повредите, додека Волф се наоѓа во критична состојба.

Осомничениот, Рахманула Лаханвал (29), според документите на американската Влада до кои дошол Ројтерс, добил американски азил оваа година, за време на администрацијата на претседателот Доналд Трамп.

Лаханвал пристигнал во САД на 8 септември 2021 година, како дел од програмата „Добредојдовте сојузници“, иницирана од поранешниот претседател Џо Бајден по повлекувањето на американските трупи од Авганистан. Азил побарал во декември 2024 година, а му бил одобрен на 23 април оваа година, три месеци по влегувањето на Трамп во Белата куќа.

Функционерите наведуваат дека Лаханвал немал познато криминално досие и дека безбедносните проверки не откриле дисквалификувачки информации за неговата претходна работа со партнерите на американската Влада во Авганистан.

Exit mobile version