Османи: По нападот во Бањска, дијалогот со Србија не може да биде како порано
Косовската претседателка Вјоса Османи ги обвини Србија и претседателот Александар Вучиќ дека стојат зад нападот на косовската полиција во селото Бањска и оцени дека по тој инцидент дијалогот меѓу двете страни „не може да биде ист како порано“, пренесуваат медиумите во регионот.
„Косово е на удар. Вооружената група едноставно ги постигна целите и мотивите на Србија како држава и на Вучиќ како лидер. Ние бевме жртви на српската агресија и сите треба да ја третираат Србија како агресор“, вели Османи за Ројтерс.
Таа му порачува на претседателот на Србија да не се меша во внатрешните работи на Косово, пренесуваат српските медиуми.
„Косово по секоја цена ќе ја брани својата слобода, независност и суверенитет. Се обидуваат да го применат моделот на Крим во Република Косово, но ние тоа апсолутно нема да го дозволиме. Ќе го заштитиме секој агол на територијата на Косово“, вели Османи за Ројтерс.
Според медиумот, таа предупредува дека се можни слични инциденти во иднина и бара од меѓународната заедница „да направи се за да ја спречи Србија“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа