Османи: Оптимист сум дека ќе обезбедиме мнозинство за Уставните измени

 

Во интервју за француската телевизија „Франс 24“, министерот за надворешни работи, Бујар Османи зборува за процесот на уставните измени, односите со Бугарија, како и за реформската агенда на Владата потребна за исполнување на условите за членство во ЕУ.

Прашан за можноста Бугарија да го повтори ветото во иднина за некое друго прашање, Османи вели дека е оптимист и дека со формирањето на новата влада во Софија ќе започне и новото поглавје на односите помеѓу Северна Македонија и Бугарија.

„Од моето искуство, она што беше штетно за нашите односи со Бугарија и за нашата европска перспектива е овој бесконечен изборен процес во Бугарија и немањето политичка влада како соговорник за да се воспостави доверба и комуникација и да одиме напред“, вели Османи во интервјуто во однос на односите со Бугарија и очекувањето за продолжување на дијалогот помеѓу двете земји.

Во однос на реформската агенда и напредокот на земјава во борбата против корупцијата, Османи вели дека Северна Македонија има најдобар резултат во регионот во исполнување на политичките и економските критериуми од европското аки. За земјата уште подобро да напредува и да покаже вистински резултати, Османи вели дека е потребно да почнеме да ги отвораме преговарачките кластери.

„Инсистираме на отворање на кластерите за преговарање. Преговорите за пристапување ги имаат овие сеопфатни поглавја за владеење на правото, поглавја 23 и 24, кои се отвораат први и затвораат последни. И тие ја обезбедуваат рамката преку која ќе можеме да го подобриме и да го европеизираме нашето општество“, вели Османи.

Северна Македонија, делумно со тоа што толку долго беше на овој пат кон ЕУ, беше фаворит дури и во споредба со земјите кои ги започнаа пристапните преговори пред десетина години.

„Оваа предност и побрзото отворање на поглавјата, ќе ни помогне за да можеме побрзо и да ги затвориме преговорите“, вели Османи во интервјуто за „Франц 24“.

10.06.2023 - 15:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега