Османи – Нуланд: Членството на регионот во ЕУ е од суштинска важност за европската безбедност

 

Политиката на проширување на ЕУ е безбедносно прашање и оттука членството на регионот во Унијата е од суштинска важност за европската безбедност, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната средба со потсекретарот за политички прашања во Стејт департментот, Викторија Нуланд која се одржа на маргините на министерскиот состанок на Глобалната коалиција за борба против ИСИС во Маракеш.

Османи изрази благодарност за недвосмислената американска поддршка за нашите евроинтегративни процеси.

Како што информира МНР, во фокусот на разговорите беше претстојното одржување на Стратешки дијалог меѓу Северна Македонија и САД на 2 јуни во Вашингтон што, според МНР, е голем дипломатски успех и нов исчекор во билатералните односи меѓу двете земји.

Северна Македонија, дополнува МНР, е прва земја од Западен Балкан што одржува стратешки дијалог со САД, што говори за заемните заложби за унапредување соработката во сферите од интерес.

-Стратешкиот дијалог претставува потврда за силното сојузништво меѓу двете земји и надградување на долгогодишното стратешко партнерство. Воедно, тоа е израз на нашите заеднички заложби за зајакнување на врските и промовирање на споделените вредности за демократски развој и стабилност во регионот, кој претставува составен дел на евро-атлантската заедница, истакна Османи.

На средбата беше истакната потребата од зајакнато присуство на САД во нашите простори како гаранција за регионалната стабилност, што е особено значајно во контекст на актуелните безбедносни состојби.

Соговорниците разменија мислења и за состојбите во Украина, изразувајќи поддршка за земјата и солидарност со украинскиот народ, како и силна осуда за руската воена инвазија. 

11.05.2022 - 15:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега