Османи: Денеска ќе молчам - вас ве слушам

 
Екс министерот за надворешни работи, Бујар Османи вечерва во објава на социјалните мрежи напиша реакција по повод назначувањето на Петар Богојески за прв човек на Еразмус програмите. Османи напиша дека државата, денеска, токму преку Богојески понижила цела една нација и заедница.
„Имам многу што да кажам за ова што вечерва го посочувам, ама сакам вечерва да молчам.
Често, од што сме гласни, меѓусебно не се слушаме.
А сакам да ги слушнам моите сограѓани Македонци.
Сакам да ги слушнам затоа што меѓу нив се моите колеги, моите пријатели, моите соработници; меѓу нив се и моите политички противници, неистомисленици, но за сите сум имал јасен впечаток дека се мои, дека се дел од тоа што сум јас, затоа што се мои сограѓани.
Сакам да ги слушнам, затоа што знам дека веруваат во соживот, во меѓусебна почит и достоинство.
Затоа што знам дека се пред сѐ пристојни и дека не прифаќаат ваква омраза без разлика што не е насочена кон нив.
Денес, државата преку еден човек, назначен да ги води европските образовни фондови, ја понижи цела една заедница со јазик полн омраза, стереотипи и презир.
Не само Албанците – туку и самите Македонци, затоа што овој јазик не зборува од име на ниеден народ.
Овој јазик зборува од името на омразата.
Не сакам да повикам на осуда, туку да испровоцирам будење на совеста.
Ова не е прашање на политика, туку прашање на човечност.
Затоа решив вечерва да молчам – затоа што верувам во човечноста на моите сограѓани.
Ова не е молк на слабост. Ова е тишина од доверба.
Ве слушам“, напиша Османи на ФБ.

10.04.2025 - 21:58

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега